Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК: Во 2022 година опожарени 900.000 хектари земјиште во ЕУ 

 Во 2022 година во ЕУ изгореа речиси 900.000 хектари земјиште, со што заедно со големите шумски пожари од претходните две години е предизвикана голема еколошка и економска штета и трагични загуби на животи, се наведува во денеска објавениот извештај на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија насловен „Шумски пожари во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка во 2022 година“. 

Во документот се посочува дека од 2000 година кога почна мониторингот преку Европскиот информациски систем за шумски пожари (ЕФФИС), минатата година беше втората најтрагична година од пожари по 2017-та, кога беа опожарени 1,3 милиони хектари земјиште. 

Според авторите на извештајот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, 96 отсто е пожарите се предизвикани од човечки фактор, но климатските промени создале услови за нивно побрзо ширење и зголемен интензитет. 

Преку Механизмот за цивилна заштита, ЕУ мобилизираше поддршка за земјите од Медитеранот и Западен Балкан кои се погодени од шумски пожари.

– Тоа е предупредувачки сигнал за тоа што може да донесе глобалното затоплување во наредните години, бидејќи температурите се зголемуваат, а сушите стануваат се поизразени во многу европски земји, се наведува во документот. 

Приближно 365.000 хектари или околу 43 отсто од опожарените површини биле на територии кои се дел заштитените области на биолошка разновидност на ЕУ, што претставува највисок проценти во последната деценија. 

Според документот, мерките за превенција мора да ги таргетираат сите делови на населението, пред се оние во руралните средини кои се во директен контакт со природните области, како и лицата кои живеат во непосредна близина или во областите со бујна вегетација.

Во извештајот се посочува дека според досегашните податоците за 2023 година, шумските пожари веќе уништиле околу 500.000 хектари земјиште во ЕУ, пред се во Грција, Италија Португалија и Шпанија, при што како најголем поединечен шумски пожар регистриран во ЕУ е огнената стихија во реонот на грчкиот град Александруполи, со опожарени над 96.000 хектари.  

– Оваа година повторно е забележано неконтролирано ширење на шумските пожари, бидејќи е тешко тие да се контролираат со традиционалниот начин на гаснење поради високите температури и нивниот интензитет и брзина. Тие беа ставани под контрола само кога ќе се подобреа метеоролошките услови, дозволувајќи им на пожарникарите да се справат со пожарите, се додава во извештајот. 

Во документот се посочува дека високата фреквенција и интензитет на шумски пожари во текот на летниот период ги става припадниците на противпожарните служби на ЕУ во невидена опасност, при што често гаснењето на огнот од воздух губи на ефикасност и го прави тешко или невозможно.

– Трендот на овие невидени пожари се случува не само во Европа, туку и низ целиот свет, се наведува во Извештајот, кој е изработен во контекст на подготовките на Законот за мониторинг на шумите во ЕУ, кој треба да ги покрие постоечките празнини во сознанијата за европските шуми и ќе овозможи создавање сеопфатна база на податоци за шумските области. 

Извор МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен