Четворица војници и еден милитант загинаа во престрелка меѓу индиската армија и бунтовниците во спорниот регион Кашмир, соопшти индиската војска.
Борбите избиле вчера, неколку дена откако индиската армија започна потера по бунтовниците врз основа на информациите дека најмалку двајца милитанти се кријат во густата шума во регионот, изјави воен претставник кој побарал да не биде именуван, пренесува МИА.
Во текот на денот беше забележана наизменична размена на оган, а воените сили денеска продолжија со потрагата во планинската област на јужниот дел на областа Раџури, во близина на таканаречената линија на контрола што ги дели Индија и Пакистан. Двајца офицери се меѓу четворицата убиени индиски војници, изјави армиски претставник.
Армијата на социјалната мрежа Х објави дека има ранети меѓу милитантите кои се опколени од индиската војска. Не е наведено колку бунтовници учествувале во борбите. Портпаролот на армијата рече дека еден милитант бил убиен за време на денешните судири. Тој рече дека бунтовникот, пакистански државјанин, бил обучен снајперист и експерт за ракување со експлозиви и бил активен во областа во изминатата година.
Индија и Пакистан – регионални ривали вооружени со нуклеарно оружје, секој управува со својот дел од Кашмир, но и двете земји претендираат на територијата на областа како целина. Бунтовничките групи се борат од 1989 година за независност на Кашмир или за негово припојување кон Пакистан. Повеќето муслимани во Кашмир ги поддржуваат бунтовниците.
Властите во Делхи тврдат дека тероризмот во Кашмир е спонзориран од Пакистан, што Карачи негира. Во 2019 година, Њу Делхи ја укина полуавтономијата на регионот и драстично ги ограничи граѓанските и медиумските слободи и ги засили операциите против бунтовниците, што доведе до ескалација на насилството. Досега во конфликтот загинаа десетина илјади цивили и војници