Во Скопје почна неформалната вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
Тема на која ќе разговараат шефовите на делегациите од земјите членки на ОБСЕ и држави партнери е воената агресија врз Украина и потребата од функционална Организација во време на конфликти и зголемени тензии.
На вечерата присуствуваат министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија.
По вечерата предвидена е и културна програма за високите гости со настап на Влатко Стефановски, Теодосиј Спасов и Дамир Имери.
На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.
На Министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ..