Бојан БЛАЖЕВСКИ (МЕТА)
Државното акционерско друштво Железници на РСМ-Транспорт од почетокот на годинава добива конкуренција. Неколку приватни оператори за товарен железнички сообраќај од Србија веќе пројавиле интерес и подготвеност за влегување на нашиот пазар на почетокот од 2024 година, информираат за Мета.мк од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ.
Интерес кај српските компании има за превоз на стоки на пругата Табановце-Гевгелија на Коридорот 10, како и за Скопскиот железнички јазол. Од јавното претпријатие додаваат дека интерес за вршење на товарен железнички превоз изразиле и некои домашни приватни оператори, без да наведат конкретни имиња.
Од ЈП за железничка инфраструктура велат дека измените и дополнувањата на Законот за железнички систем беа усвоени од Собранието и објавени во Службен весник на 1 декември 2023 година, со што законските измени за либерализација на железничкиот пазар стапија на сила.
„Формирани се веќе работни групи кои треба да ги изготват законските подакти во врска со либерализацијата на железничкиот сообраќај, односно влегување на приватни железнички оператори на нашиот железнички пазар“, велат од ЈП за железничка инфраструктура.
МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ЌЕ ДОБИЈАТ КОНКУРЕНЦИЈА – И ПРИВАТНИЦИ ЌЕ ВОЗАТ ПО НАШИТЕ ПРУГИ
За разлика од интересот на компании од Србија и од Македонија за да вршат товарен железнички превоз, за патничкиот сообраќај засега нема интерес кај приватните оператори, објаснуваат од претпријатието. Сепак, тие потсетуваат дека сите приватни компании најпрво треба да обезбедат дозволи и сертификати за сообраќање по македонските пруги.
„До сега, ЖРСМ Инфраструктура сè уште нема добиено официјални барања за пристап на инфраструктура и доделување на траси, освен од ЖРСМ Транспорт, со коишто имаме склучено договор за пристап“, информираат од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.
Од државното претпријатие очекуваат дека 2024 година ќе биде многу побериќетна за нивното работење, земајќи го предвид фактот дека ЈП за железничка инфраструктура се финансира првенствено од наплатата на средства за користење на пругите и слични услуги.
„Со влегување на приватните оператори на нашиот железнички пазар, секако очекуваме да се зголеми обемот на товарниот транспорт, односно обемот на превезена стока со железница“, информираат од ЈП за железничка инфраструктура.
Конкретно, за да можат приватните компании да почнат со железнички превоз на македонските пруги треба претходно да испратат барање за пристап и користење на железничките пруги во сопственост на ЈП за железничка инфраструктура. Но, пред да се случи ова, операторите мора да ги обезбедат дозволите и сертификатите за сообраќање, по што треба да бидат впишани во државниот регистар на железнички превозници на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, каде засега е впишана единствено Железници на РСМ-Транспорт.
Директорот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, Боре Еркечов за Мета.мк објаснува дека нивната агенција е целосно подготвена за извршување на надлежностите кои произлегуваат од измените и дополнувањата на Законот за железнички систем, кои веќе се стапени во сила.
„Секое барање за дозвола навремено ќе биде процесуирано. До денес не е поднесено Барање за издавање на Дозвола за вршење јавен железнички превоз“, информира директорот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.
Од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк засега не сакаат да коментираат за имињата на приватните компании кои се заинтересирани од почетокот на годинава да започнат со превоз на стоки и/или патници на пругите во земјава. Сепак, додаваат дека, покрај дозволата што ќе треба да ја обезбедат, идните железнички оператори ќе треба да се стекнат и со сертификат за сигурност кој го издава Управата за сигурност на железничкиот систем.
„Фер пристапот на железничкиот пазар е услов и препорака која Европскатa Унија ја нотира во речиси секој нејзин извештај. Дополнително мора да имаме во предвид фактот дека низ државата минува европскиот Коридор 10 кој е најзначаен транзитен коридор од солунското пристаниште до централна Европа и која е најбрзата и најевтината рута за железничките оператори. Тоа значи поголема искористеност на Коридор 10 која од економски аспект подразбира приходи во железничкото претпријатие и ова мора да го искористиме“, велат за Мета.мк од Министерството за транспорт и врски.
Има неколку нејаснотии за кои не добивме одговор од ова министерство, иако поставивме прашања. Имено, прашавме дали е предвидено приватните оператори кои ќе возат по пругите да имаат минимум број вработени машиновозачи од земјава или ќе може странски машиновозачи да сообраќаат по македонските пруги. Исто така, прашавме дали ќе треба новите оператори да имаат минимум број на локомотиви и вагони за да сообраќаат во земјава, како и дали приватните компании за ремонт и контрола на возниот парк ќе треба да ги користат капацитетите на депото „Лисиче“ кое е во сопственост на Железници на РСМ-Транспорт или на велешката фабрика „Колска“ која е во државна сопственост.
Според актуелниот Закон за железничкиот систем, секоја компанија што сака да врши превоз на стоки и патници со возови треба да претходно да обезбеди дозвола за вршење на јавен железнички превоз од Агенцијата за регулирање на железничкиот превоз. Но, во членот 17 од овој закон се наведува дека еден од критериумите за да може да ја добие дозволата е:
„Да има вработено стручни работници кои можат да обезбедат висок степен на сигурен превоз, односно раководни лица кои поседуваат знаење и/или искуство неопходно да вршат сигурна и одговорна оперативна контрола и надзор над активностите кои се предвидуваат со дозволата“.
Сепак, во овој член од законот не се наведува дали стручните работници (машиновозачи, помошници-машиновозачи и сл.) и раководните лица кои ќе работат во компанијата треба да бидат од земјава или од странство.
Овие податоци се особено важни и за досегашниот државен монопол – Железници на РСМ-Транспорт, кое подолго време се гуши во милионски долгови, се соочува со недостиг на исправни локомотиви и вагони, но и со машиновозачи. Доколку приватните оператори понудат повисоки плати и подобри услови за работа, токму машинскиот персонал и вработените во одржувањето на возниот парк би можеле да бидат првите кои ќе си заминат од државното претпријатие во потрага по подобра иднина.
Во однос на судбината на Железници на РСМ-Транспорт, од Министерството за транспорт и врски за Мета.мк објаснуваат дека досегашниот државен монопол мора да се реформира и да биде конкурентен.
Пред самиот крај на 2023 година, Собранието на РСМ го усвои државниот буџет за 2024 година, во којшто се издвоени субвенции и трансфери во висина од 445 милиони денари преку Министерството за транспорт и врски за надоместување на услугите од јавниот интерес во железничкиот превоз на патници во 2024 година. Ова се субвенции кои секоја година Министерството ги префрла за покривање на загубите од сообраќањето на патничките возови.
Надлежното министерство ги префрла редовно овие средства до Железници на РСМ-Транспорт, но тие се недоволни за да се покријат загубите што ги создава патничкиот и товарниот железнички сообраќај. Она што раководството на Железници на РСМ-Транспорт го направи изминатиов период е укинувањето на возовите од Скопје за Табановце, Кочани, Кичево и меѓународните возови, како и драстичното намалување на бројот на патнички возови кон Битола и Велес.
ОД 25 ОКТОМВРИ СЕ УКИНУВААТ ВОЗОВИ МЕЃУ СКОПЈЕ И БИТОЛА, ЌЕ СООБРАЌААТ САМО ЕДНАШ ДНЕВНО
На овој начин, еден дел од загубите што ги создава ќе бидат елиминирани, но по цена на постојани критики од граѓаните за укинатите патнички возови кои се од несомнен јавен интерес поради поевтините билети за патување, поврзувањето со руралните населени места каде нема автобуски превоз и заштитата од загадување на животната средина.
САМО ОСУМ ВОЗА ПРЕДВИДЕНИ СО ВОЗНИОТ РЕД ЗА 2024, ЖЕЛЕЗНИЦАТА ВО КОЛАПС [ИНФОГРАФИК]
Ако се погледнат трансферите коишто ги добила Железници на РСМ-Транспорт од страна на македонската влада во 2023 година, може да се увиди дека државното акционерско друштво е бунар без дно. Онлајн-алатката „Отворени финансии“ на Министерството за финансии дава увид на тоа колкави средства железничкото претпријатие добило во 2023 година.
Па така, Владата на 10 ноември 2023 година одвоила дури 15,7 милиони евра преку издавање на акции за нормализација на работењето на Железници на РСМ-Транспорт. Преку „Отворени финансии“ може да се увиди дека Министерството за транспорт и врски од јануари до декември 2023 година постојано му префрлало средства на ова државно претпријатие за покривање на загубите од патничкиот железнички превоз.
ВЛАДАТА ЌЕ ИЗДВОИ 15,7 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЖЕЛЕЗНИЦИ-ТРАНСПОРТ ПРЕКУ ИЗДАВАЊЕ АКЦИИ
БОЧВАРСКИ СМЕТА ДЕКА ЖЕЛЕЗНИЦАТА Е БУНАР БЕЗ ДНО, КОН БИТОЛА НЕМА НИЕДЕН ВОЗ
Преземено од агенцијата МЕТА