Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Божиќ: Отелотворената Светлина против темнината

Божиќ е чудесна физичка манифестација и најава на Божјото царство. Во Христос, Бог и човекот станале една личност во две природи. Христијанската црква, која се нарекува и „Христовото тело” е повикана да дејствува соодветно со „богочовечкиот” принцип на на Исус Христос

Пишува: Коста МИЛКОВ

На самиот почеток во евангелието според Јован е запишано: „Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати”. Иако не наликува на препознатливите описи на раѓањето на Исус Христос, овој стих зборува токму за тоа. Јован ја користи симболиката на светлината и на темнината за да зборува за главната причина за отелотворувањето на Божјиот Син. Светлината е симбол на правдата, на доброто, на вистината и на благосостојбата. Темнината е симбол на корупцијата, на злото, на лагата и на експлоатацијата.

Во основа пораката на Божиќ е во Божјата промисла да го избави светот така што светлината ќе ја „проголта” темнината, а не обратно. Од самиот миг на раѓањето на Христос оваа промисла почнува да се остварува. Со неа се проткаени сите книги на Новиот завет. Избавувањето почнува со отелотворувањето, но на тоа се надоврзува и животот, смртта, воскресението и вознесението на Исус Христос. Вселената и човештвото имаат заедничка судбина, при што врз човештвото е ставена одговорноста да го разбере и да учествува во светот на начин на кој тоа е предвидено од Бог. Не се работи за „слободен” избор туку за слобода која не зависи од избор. Задачата на човештвото е да биде „продолжена” рака на Бог така што ќе придонесува кон неговиот интегритет наместо со знаењето да го експлоатира и да го дезинтегрира. Големата целосна преобразба на созданието претпоставува човештво кое слободно ја спроведува дарбата да го познава светот на начин како светот е спознаен од Бог. Според Новиот завет вистинското етичко знаење е целосно созерцателно и самоиспитувачко. Во ова созерцување секогаш мора да има место не само за „ближниот” туку и за другиот, за сосема инаквиот и дури и за „непријателот”.

Светлината на Христос од неговото раѓање го покажува патот кон таквото реинтегрирање на паднатиот свет под што апостолот Јован мисли на специфичен начин како се разбира стварноста. Се работи за состојба каде што ништо не е поврзано со ништо. Според Библијата сѐ во светот е поврзано со сѐ, а патот до неговата обнова е тоа јасно да се согледа. Дејството на гледање претпоставува светлина. За физичкото око тоа е пред сѐ сонцето. За духовното око тоа е пред сѐ Исус – светлината на светот. Тој за себе вели: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот”. На друго место Исус им вели на учениците:„Вие сте светлината на светот”. Св. Атанасиј Александриски врз основа на овие два стиха, меѓу другите, тврди:„Бог стана човек, за човекот да стане Бог”. Бог станал човек во Исус Христос кој е светлина. На овој начин на човештвото му се нуди да учествува во оваа божествена светлина. Ова подразбира лична Христоликост покажана на дело.

Конкретен пример на што сме повикани по примерот на Исус е неговото искушување од ѓаволот во пустината. Исус им се спротивставил на трите искушенија, а тоа се борбата за егзистенција, верско-идеолошкиот фанатизам и трката за моќ и за слава. Веднаш по овој подвиг во име и за пример на човештвото, Исус ја почнува својата служба на проповедање, на исцелување и на изобличување на политичките, на религиозните, на етничките и на класните угнетувања.

Но, пред да го опише своето јавно дејствување, евангелистот Матеј тоа ќе го најави со цитат од Стариот завет: „Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина”.

Откако ќе ја потврди неговата служба како онаа на носење светлина, Матеј забележува: „Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!”

Божиќ е чудесна физичка манифестација и најава на Божјото царство. Во Христос, Бог и човекот станале една личност во две природи. Христијанската црква, која се нарекува и „Христовото тело” е повикана да дејствува соодветно со „богочовечкиот” принцип на на Исус Христос. Христос како една личност во две природи му го покажува патот на целото човештво. Отфрлени се сите шеми, тактики и идеологии. На свет со големи поделби манифестирани со разни конфликти и речиси на работ на светската војна нема да му се од помош понатамошни тактики за здобивање на моќ и на контрола. Насушно му е потребно само-заборавно и самопрегорно себе-давање во име на сите, а тоа секако ги вклучува и оние кои се сосема различни од нас.

Во Новата 2024 година на светот ќе му ја направиме најголемата услуга ако му се посветиме едноставно заборавајќи на себеси. Како што Јан Цвики вели во есејот „Брод од Делос” „Колку повеќе грижа му пружаме на светот, толку помалку имаме желба да го контролираме”.

Во ваквото согледување е суштината на пораката на ангелскиот хор кој на првиот Божиќ го најавува раѓањето на Исус Христос, „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!”

Да се обединиме околу оваа порака за борба на светлината против темнината. Да го дигнеме гласот и хабро да дејствуваме против секоја системска и систематска корупција и зло.

Само така може да кажеме „Христос се роди! Навистина се роди”.

Слики: Nikola Sarić

(Окно)

Зачлени се на нашиот е-билтен