Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ироничен кич, супер-забава или контрапункт на реалноста

Ќе покаже времето дали најгледаниот филм на „Нетфликс“ во последниот месец од 2023 година – „Бунтовна месечина – Прв дел: Огнено дете“ (Rebel Moon – Rebel Moon: Part One – A Child of Fire), ќе прерасне во франшиза

Пишува: ТИНА ИВАНОВА / ФРОНТЛАЈН

„Ова сум јас, додека растев како еден од обожавателите на Акира Куросава или ‘Војна на ѕвездите’… Се надевам дека ќе стане голем серијал и универзум што ќе може да се гради“, изјави пред некое време за „Холивуд репортер“ режисерот Зак Снајдер чиј нов научно-фантастичен филм „Бунтовна месечина – Прв дел: Огнено дете“ („Rebel Moon: Part One – A Child of Fire – 2023) разви непрекинати дискусии кај гледачите на „Нетфликс“.

Идејата на Снајдер, американскиот режисер, продуцент и сценарист (1966) зад кого стојат повеќе фантастични филмови, меѓу нив и хорор-дебито „Зора на живите мртовци“ (2004), или „Човек од челик“ (2013), „Бетмен против Супермен: Зора на правдата“ (2016), „Војска на живите мртовци“ (2021)…, е „Бунтовна месечина“ да прерасне во франшиза.

Но, дали ќе се исполни желбата на Снајдер останува да покаже времето, со оглед на веќе бројните дебати кои орбитираат на социјалните мрежи, а кои влечат кон негативизам, исмејување, па дури и плукање за неговото најново филмско остварување. Сепак, можно е, особено ако го следиме претходното творештво на овој мошне интересен автор, од секој аспект, чии филмови остварија огромна заработка и неверојатна гледаност во изминатите години, а наидоа и на позитивни одгласи.

Официјален постер на филмот

Слободното време во периодот на новогодишните и божиќните празници, за мене значеше да пронајдам нешто ново што ќе ме заинтригира од сферата на филмот, особено што чувствував непрекинат замор од секојдневното сивило. Како долгогодишен љубител, но не и истражувач, аналитичар и критичар на оваа уметност, решив да се фокусирам на новиот филм на Снајдер, само поради тоа што наидов на бура од разни коментари кои ме заинтригираа. И секако, нешто да напишам, повеќе информативно, бидејќи се оградувам од стручност во оваа уметност која до сега сум ја доживувала единствено како релаксација. Така беше и овој пат. Но, со себе го земам или повеќе, го влечам сето претходно искуство на изгледани стотици филмови, дебатирајќи за нив како да е тоа најважното нешто на светот.

Очигледно, штом „Бунтовна месечина“ развива жестоки дискусии, Снајдер ја постигнал целта, ако се водиме по она – „подобро да се зборува за нештата, па макар и лошо, отколку да се биде рамнодушен“. Освен тоа, ова е во моментов најгледаниот наслов на „Нетфликс“. Што повеќе некој автор би можел да посака?

Sofia Boutella in Rebel Moon, 2023 (Photo by CLAY ENOS/NETFLIX)

Но, ајде да тргнеме од приказната, накусо. На работ на галаксијата, во една мирна заедница, живеат селани кои се занимаваат со земјоделие. Во средиштето на дејствието е Кора (Софија Бутела), млада жена со некакво мистериозно минато, која сака да живее мирен и повлечен живот, не тежнеејќи за големи авантури, да пронаоѓа чудесни светови, или да биде инволвирана во големи битки, бидејќи се чини, таа како сето тоа веќе да го поминала.

За жал, повторно е вовлечена во војна, кога заканата пристигнува во нејзиниот нов дом, а таа е единствениот спас, пак, за нејзината нова „фамилија“.

Хармонијата и идејата на Кора да се сокрие од светот, всушност, ја нарушува империјалниот брод „Кинг Гејз“ кој изронува од облаците, чиј лидер на војската на тиранинот Балисариус – адмиралот Атикус Нобл (Ед Скреин), бара сезонски данок од селаните да ја прехрани војската, по што, пак, жителите секако би умреле од глад, доколку би ја прифатиле понудата.

Сцена од филмот „Бунтовна месечина“

Кира го покажува своето вистинско лице, ја симнува маската на вредна селанка и се покажува како вешта воинка која се бори со сите вселенски „нацисти“ (како што се опишани противниците во скоро сите критики за филмот) и тргнува во потрага, заедно со уште еден фармер, не многу искусен во боречките вештини, по обучени војници кои ќе им помогнат во големата битка. Посетуваат чудни, необични универзуми пронаоѓајќи истрауматизирани војници со зад себе различни искуства, кои во текот на филмот ги покажуваат своите надземски моќи и со силен мотив за освета од некое минато, им се придружуваат…

Повеќе од очигледно е дека Снајдер, како што и самиот не крие, е инспириран од „Војна на ѕвездите“ и во наративна и во естетска смисла, а и од епот „Седум самураи“ на неговиот идол Куросава со слична приказна – луѓе од сиромашно село, редовно напаѓани од бандити, очајно се во потрага по помош од еден самурај кој, пак, заедно со уште шестмина негови луѓе, ги обучува селаните како да се заштитат. Па дури и акциските сцени се слични, се разбира, кај Снајдер многу пософистицирани и со фантастична визуелна обвивка.

Сцена од филмот „Бунтовна месечина“

Критиките за филмот имаат голема дискрепанција, иако генерално, негативно е критикуван, што е праведно. Едни ќе кажат дека тоа е колаж од веќе видени сцени слични на останатите жанрови, други пак, дека во два часа колку што трае филмот гледаме слаби карактери, кои не се продлабочуваат ниту во експресијата, а не пак во дијалозите, што веројатно произлегува од слабата содржина на сценариото чиј ко-автор е самиот режисер. Трети пак, велат дека ако се сфати овој филм како пародија, или како некаков ироничен кич на целиот т.н. жанр „спејс опера“, иако не е сосема јасно дека тоа била интенцијата, тогаш би било супер арт-дело. Четвртите – дека можеш да го гледаш филмот само ако си „надуван“, или ако си жена, па како во детството кога момчињата се идентификуваа со Брус Ли, на пример, и по гледањето на некој филм со овој херој мислеа дека се најсилни на свет, така и кога Кора ја покажува својата супер моќ, тепајќи „стадо“ од мажи, идентификацијата би била слична, овој пат кај женскиот род. Без сомнение мора да се пофали визуелниот аспект (сцена, фотографија, костими), кореографијата во битките и секако, анимациите и музиката.

Но, има неколку моменти во наративот кои сепак се длабоки и тераат на размислување, паралели кои, намерни или не, се за почит. Едниот од нив е јасното прикажување на моќта на големците кои управуваат со малите заедници како игра со марионети, иако во случајов покажуваа физичка, а не интелектуална сила, но тоа е нешто што годиниве наназад особено, не може веќе да се затскрие ниту од „простиот“ човек.

Софија Бутела

Моќниците одат контра моралните вредности на некоја (било која) заедница, а од друга страна, оние посилните тенденциозно им приоѓаат на послабите со цел да им укажат на нивната неспособност за управување на својата земја, што се коси со демократските начела, на пример.

Или, изјавата на Кора во една од сцените дека не може да љуби и да чувствува љубов поради траумите од војната е јасен показател за тоа дека светот, на што сме сега ние сведоци, зафатен од војни кои паралелно се случуваат на неколку места, ја уништува идејата за доброто, чувството на припадност или идејата за љубовта над злото, што води кон тотална декаденција, разврат и крв, нешта за коишто сме читале и коишто се случувале наназад во историјата.

Нападот на селото кое има плодна земја да се прехранат војниците, пак, е опсежна тема за истражување колку и дали храната, кога е во недостиг, па потоа заради тоа се случува војна, може да се сфати (во општа смисла на зборот) како оружје. И секако, секогаш, откако постои цивилизацијата, моќта е една од најпосакуваните позиции на човекот, којашто е прикажана преку „ариевскиот“ лик на адмиралот Атикус, а тоа влече и неетичност, неемпатичност, суровост, а од друга страна освета, пролевање крв (заб за заб), поривот за решавање на правдата кај обесправените, е поскап од животот. Како некаков фантастичен контрапункт на реалноста.

Од кинематографски аспект, филмот не носи некоја автентичност, нема уникатен концепт. Ама е суперзабавен да поминете два часа во една „релаксирана возбуда“ и да го однесете мозокот или на „пасење“, или да најдете повеќе филозофски, историски, политички теми за дебата. Има спектакуларност и тривијалност. Може да прерасне и во добра видео-игра. Ќе видиме како ќе се развиваат останатите делови кои веќе се најавени дека ќе се случат и дали ова ќе се развие во нов серијал од типот на „Војна на ѕвездите“.

Зачлени се на нашиот е-билтен