Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европските социјалисти бараат транспарентна истрага за посочените изборни нерегуларности во Србија 

 Партијата на европските социјалисти (ПЕС) упати писмо до српската премиерка Ана Брнабиќ како реакција на случувањата на изборите во Србија на 17 минатиот месец и настаните во земјата по нив, во кое се бара спроведување транспарентна истрага за сите посочени изборни нерегуларности, како што и доликува на земја која преговара за членство во Европската Унија, јави дописникот на МИА од Брисел. 

– Глетката на десетици илјади српски граѓани низ земјата кои протестираат против изборните резултати е јасен знак дека српското општество сака потранспарентен и подемократски изборен процес, се додава во писмото на европските социјалисти до Брнабиќ. 

ПЕС посочува дека ги поддржува принципите на демократија, владеење на правото, граѓански права и еднакви политички можности и ја повикуваа и Србија да ги поддржи овие основни вредности на ЕУ. 

Во писмото се наведуваат и детали и извадоци од извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни набљудувачи во врска со изборниот процес, како што се злоупотреба на избирачките права и изборниот закон, притисоци врз гласачите, злоупотреба на службени податоци, но и за состојбата во медиумите за време и по кампањата. Дополнително во врска со постизборните протести се посочени и случаите на приведување студенти демонстранти. 

Набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР, на меѓународните организации и на институциите на ЕУ во своите извештаи посочија сознанија за купување гласови, притисок врз гласачите и организирано носење на лица од Босна и Херцеговина да гласаат на изборите, пред се во Белград, при што ги осудија ваквите појави и апелираа на „спречување на понатамошното демократско назадување на земјата, која е кандидат за членство во ЕУ“. 

Европските институции од своја страна ги повикаа српските власти да ги испитаат извештаите за нерегуларности на изборите на транспарентен начин и да го подобрат изборниот процес. 

Во одговор на новинарско прашање по изборите, портпаролот на Европската комисија, Петер Стано изјави дека „со загриженост“ е заклучено дека изборниот процес во Србија бара „видливо подобрување и дополнителни реформи“, кои треба да се спроведат што е можно поскоро.

– Адекватното функционирање на демократските институции е сржта на процесот на пристапување на Србија во ЕУ, изјави Стано, апелирајќи до српските власти да обезбедат конструктивен и инклузивен дијалог со субјектите од политичкиот спектар.

Зачлени се на нашиот е-билтен