– Единствена алтернатива на нашата држава е зачленување во Европската Унија, а се друго е утопија и популизам, смета премиерот Димитар Ковачевски и вели дека се добредојдени сите кои се за европска интеграција на државата.
-Се потврди дека тоа е така. Јас сум првиот човек што го спомена Европскиот фронт на трибините на СДСМ пред повеќе од една година. Така што сите оние кои се за европската интеграција на државата се добредојдени, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање дали разговарал со лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за Европскиот фронт.
Нагласи дека многупати досега разговарал со Таравари, Ахмети и низа на коалициски партнери.
-Одлуките секако ќе бидат носени согласно со она што го покажуваат анализите, согласно очекувањата на политичките партии и согласни програмите кои ги имаат. За договор е потребно усогласување на многу елементи за кои сметам дека има добра основа. Ќе оставиме на времето пред нас да покаже каков ќе биде финалниот изглед и на листите и на изборите, посочи Ковачевски при денешната посета на Универзитетска клиника за ортопедски болести заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити.
Во однос на продолжувањето на крајниот рок за промена на личните документи рече дека ќе може да постапува Владата откако претседателот Пендаровски ќе има разговор со грчката претседателка.
-Откако ќе не информира, потоа ќе можеме да постапуваме, рече Ковачевски.
За претседателката на Врховниот суд Беса Адеми рече дека никогаш не ја запознал и додаде дека секој треба да каже со име и презиме доколку од некого бил под притисок.
-Не сум го запознал никогаш претседателот на Врховниот суд во капацитет на својата дејност, бидејќи се одвоени извршната и на судската власт. Доколку кој било бил под притисок од кого било кого тоа треба да го каже со име и со презиме, рече Ковачевски.