Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити беше во посета на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде што беа презентирани можностите на новите апарати за третман и дијагностика.
„Инвестиравме над 700 илјади евра за набавка на нов современ апарат за литотрипсија, поточно апарат за разбивање камења во бубрег и во уринарниот тракт којшто се очекува да го олесни третманот на пациентите кои по интервенцијата ќе можат да си заминат дома. Се работи за најсовремен апарат кој што е од најновата генерација и токму во оваа болница е практично третиот во државата кој што е да кажеме на ниво повисоко од другите кои што ги имавме“, истакна во своето обраќање пред медиумите премиерот Ковачевски.
Тој нагласи дека со новата опрема се „овозможува современ и брз третман на пациентите, но и за олеснување на работата на здравствените работници за да нема потреба од подолго задржување на пациентите.
На Клиниката е набавен и нов апарат за мамографија со томосинтеза којшто претставува револуционерен напредок во дијагнозата на рак на дојка со што за 30% се зголемува точноста при интерпретација на мамографиите.
„Со овие нови апарати ќе се зголеми ефикасноста во рано детектирање на ракот на дојка, а воедно ќе се растеретат капацитетите на здравствениот систем преку тоа што ќе се даде можност овие проверки да се прават на повеќе места отколку што тоа беше случај досега“, посочи Ковачевски.
Сè ова е надополнување на серијата наши инвестиции во здравството, кое континуирано го подобруваме и модернизираме, рече Ковачевски и потсети дека пред неколку дена ваквите услови можевме да ги видиме при отворањето на новата Поликлиника „Сарај“, инвестиција вредна близу 1,3 милиони евра, како и при отворањето на реновираната хируршка сала на Клиниката за ортопедски болести во Скопје.