– Кремљ денеска оцени дека американските и британските напади врз Јемен се нелегитимни од гледна точка на меѓународното право и дека неодамна усвоената резолуција на Советот за безбедност со која се осудуваат нападите на јеменските бунтовници Хути врз бродови во Црвеното Море не може да ги оправда.
„Русија ги осудува американските и британските напади врз Јемен“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Песков нагласи дека од гледна точка на меѓународното право, овие удари се нелегитимни и дека Кремљ се придржува до овој став.
Тој истакна дека Советот за безбедност на ОН претходно усвоил резолуција предложена од САД, со која се осудуваат нападите на јеменските бунтовници Хути во Црвеното Море и бара тие веднаш да бидат прекинати.
За документот гласаа 11 членки на Советот за безбедност на ОН, додека четири земји, вклучително и Русија, беа воздржани.
„Бевме воздржани. Земјите кои го извршија нападот се обидоа да ги оправдаат своите постапки како законити. Но, не успеаја бидејќи усвоената резолуција никому не му дава право да изведува удари“, нагласи портпаролот на Кремљ.
Тој додаде дека Русија постојано ги повикува Хутите да ги прекинат нападите, за кои смета дека се „крајно погрешни“.
САД и Велика Британија во текот на ноќта извршија воздушни и поморски напади врз позициите на Хутите на неколку локации во Јемен, а американските власти рекоа дека нападите биле насочени кон воените објекти на Хутите и дека се прават напори да се избегне колатерална штета.