Приоритетите на Армијата на Република Северна Македонија и во текот на 2023 година беа во исполнување на уставната мисија и задачи, унапредување на капацитетите и способностите согласно побарувањата на НАТО. Армијата продолжи со трансформацијата, опремувањето и модернизацијата, подобрување на условите за живот и работа, стандардизација на НАТО документите и процедурите, развој на капацитетите за обука и вежби, како и учеството на операции во странство.
Новата организациско формациска структура на Армијата која отпочна на почетокот на минатата годината согласно Стратегискиот одбранбен преглед и со цел исполнување на НАТО целите на способности, бројната состојба на Армијата се проектира на 7100 персонал, велат од Армијата за МИА. Годината која измина, а со цел подобрување на структурата, Армијата отпочна со трансформација на одредени единици и формирање на нови.
Во текот на минатата година, Армијата двапати ја покажа својата солидарност со НАТО сојузниците со ангажирање на свои припадници во справување со последиците од природни катастрофи.
По катастрофалниот земјотрес во Турција, кој се случи на 8 февруари минатата година, беа упатени 60 припадници на Армијата и две службени кучиња за потрага во активностите за пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеаните. Во август 100 припадници на Армијата преку механизамот за помош и поддршка при кризни ситуации на НАТО беа ангажирани во справувањето со последиците од поплавите во Словенија во Межица, Чрна на Корошкем, Жерјав и Превалје, при што извршуваа повеќе задачи во расчистување на наноси од поплавите во витални објекти, спортски игралишта, улици, дом на културата, приватни сместувачки капацитети, но и при поставувањето на мостови.
Минатата година со Указ на претседателот и врховен командант на вооружените сили бригадниот генерал Симеон Трајковски е поставен на должноста „Директор на ГШ на Армијата“. Оваа должност тој ја превзеде од генерал мајор Зоран Милески кој ги исполни условите за пензионирање.
Согласно планот на модернизација и опремување на Армијата во текот на јуни во состав на Армијата пристигнаа 32 лесни оклопни возила JLTV. Според НАТО Пакетот на цели на способности 2021 година (квантитативни и квалитативни), прв приоритет е опремувањето и модернизацијата на единиците што влегуваат во состав на ЛПБГ.
Севкупниот процес на опремувањето и модернизацијата ќе се оствари со извршување на одбранбениот буџет на годишно ниво, кој оваа година, како што посочија од Армијата за МИА, се очекува да достигне два отсто од БДП и со аквизациска асистенција со стратешките партнери преку разни програми и договори, усогласени со приоритетите и потребите на македонската армија.
Според Армијата, највисок приоритет за опремување и модернизација остануваат да бидат единиците за учество во НАТО-водени операции и мисии кое е планирано со етапно обезбедување на потребен буџет од висина од 955 милиони евра во периодот 2023-2032 година за опремување и модернизација.
Во неколку наврати со Република Украина се договорени и донирани материјални средства и воена опрема кои што вклучуваат пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови, воздухоплови, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за против воздушна одбрана, опрема и муниција за воено воздухопловство и интендантски материјални средства.
Од Армијата појаснуваат дека се работи за неперспективно вооружување и опрема, која не е интероперабилна со опремата која се користи од страна на сојузниците и која за евентуално нејзино одржување би биле потребни значителни финансиски средства.
Како и во минатите години, Армијата со делови од своите состави и во 2023 година со вкупно 700 свои припадници учествуваше на 13 меѓународни вежби во земјата и во странство меѓу кои поистакнате вежбата „Immediate Response 23“. Од крајот на мај до почетокот на јуни на АП Криволак. учествуваа околу 1850 припадници на армиите на четири НАТО земји и една партнерска земја: Република Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Албанија, Црна Гора и како земја партнер на НАТО Косово.
Покрај оваа вежба, наши припадници учествуваа на вежбите во странство „Anatolian Eagle 23”, „Combined Resolve 18“, “ Anadolian Eagle 23”, “Warior 22”, “Efes 22”, “Kfor 32”, “ Orion 23 22”, Beyon horizon 23” и други.
-Посветеноста на припадниците на Армијата кои учествуваат во меѓународните операции на двапати се докажа со добиени признанија со кои се прогласува најдобар поединец во рамки на операцијата. Во операцијата на НАТО за зајакнато истурено присуство во Летонија наш припадник беше прогласен за најдобар војник на месец март, а исто такво признание доби наш припадник кој учествува во активностите на зголемена будност во Бугарија за месец октомври, посочуваат од Армијата.
Армискиот тим составен од ренџерите од извидувачко разузнувачкиот баталјон минатата година, како што наведуваат од Армијата, достоинствено не претставил на едно од најнапорните и најкомплексни војнички натпреварувања, на вежбата во Обединетото Кралство „Cambrian Patrol“. Во конкуренција од 100 екипи кои учествувале и повеќе од 55 проценти од вкупните поени за остварените задачи се здобил со еден од бронзените медали. Исто така на натпреварот за „Најдобар војник“ во организација на Националната Гарда на Тенеси, во САД, припадник од специјална единица „волци” се здобил со признание и медал за постигнати резултати и издржливост.
Армијата лани учествуваше во мисиите „Алтеа“ во Босна и Херцеговина со штабни старешини и еден пешадиски вод, „Унифил“ во Либан со учество на штабни офицери, „Кфор“ во Косово каде учеството го зголеми на два пешадиски водови и штабни старешини.
-Во НАТО мисијата „НМИ” во Ирак учествувавме со армиски претставници како штабен елемент. Продолживме да учествуваме и даваме придонес во рамките на НАТО активностите Efp „Зајакнато истурено присуство“, односно Enhanced Forward Presence (eFP) во Летонија со едно одделение и тнр „Активности на зголемена будност“ односно enhanced Vigilance Activities (eVA) во Бугарија и Романија со јачина од по еден вод. Вкупното наше учество со персонал во текот на годината се движеше околу 170 наши припадници кои ротираат на шест месеци, информираат од Армијата.
Во текот на 2023 година согласно планот во однос на меѓународната воена соработка Скопје беше домаќин на 26-та конференција на началниците на генералштабови на земјите членки на иницијативата А5. Минатата години Армијата се приклучи во регионалната безбедносната иницијатива „DECI“ на конференцијата која се одржа во октомври во Загреб.
Борис Куноски
Фото: Армија на Република Северна Македонија