Дури и пред да се создаде државата Израел во 1948 година, жените играа важна улога во милицијата Хагана која се бореше за воспоставување на државата
Маром со спринт оди кон позицијата сместена во планините над границата на Израел со Египет, со својата пушка М16 на одбранбена позиција како дел од вежба за обука. 21-годишната Маром е една од првите Израелки кои имале борбена улога во Газа, каде неодамна помина две недели.
Копнената офанзива на Израел на палестинска територија, која дојде како одговор на нападите без преседан на милитантите на Хамас на 7 октомври против јужен Израел, ги смени воените ставови кон жените.
„Во Газа, тоа беше првпат за сите жени“, рече Маром, која како и другите интервјуирани војници одби да го каже своето второ име, согласно воените правила.
„Можеме да ја видиме промената, можеме да видиме како девојките се прифаќаат во борба“, рече таа.
Уште од раните фази на војната, имаше незадоволство поради медиумските извештаи дека воените лидери ги игнорирале предупредувањата од младите жени поставени како стражари долж милитаризираната граница на Газа, во месеците пред нападите на Хамас.
„Тоа е голема грешка и не знам како се случи“, рече 20-годишната Елиора.
Но, сега, неколку месеци по војната во Газа, жените велат дека нашле прифаќање.
Шана, 23-годишна командант на баталјон, рече дека војната покажала дека жените борци можат да преземат поголема улога.
„На почетокот, тие (машките војници) гледаа малку чудно, но на крајот на денот, ние сме подготвени, обучени сме за тоа“, рече таа.
Нападот на Хамас врз Израел резултираше со смрт на околу 1.140 луѓе, главно цивили, според извештајот на АФП заснован на официјални податоци.
Милитантите, исто така, имаат околу 250 заложници, од кои околу 132 според Израел остануваат во Газа. Најмалку 27 заробеници се верува дека се убиени, според извештајот на АФП заснован на израелски бројки.
Ветувајќи дека ќе го уништи Хамас, Израел спроведува немилосрдна воздушна и копнена офанзива во која загинаа над 25 илјади Палестинци, од кои околу 70 отсто жени, деца и адолесценти, според податоците на Министерството за здравство во Газа, управувана од Хамас.
„Цивилите во Газа, сакаме да ја зачуваме нивната безбедност колку што можеме, но тоа е војна“, рече Маром.
„Сето тоа е уништено“, додаде таа по нејзиното распоредување во главниот јужен град на Газа, Кан Јунис, каде што жените војници рекоа дека откриле тунел на Хамас.
Израелската армија соопшти 194 загинати војници од почетокот на копнените операции во Газа кон крајот на октомври.
Според израелската армија, една жена војник, 19-годишната Ноа Марчиано, загинала во Газа. Според армијата, таа била земена како заложник на 7 октомври. Хамас соопшти дека таа била убиена во израелски напад.
Дури и пред да се создаде државата Израел во 1948 година, жените играа важна улога во милицијата Хагана која се бореше за воспоставување на државата. Поголемиот дел од израелските мажи сега треба да служат две години и осум месеци откако ќе наполнат 18 години, додека жените отслужуваат две години.
Улогите на жените историски биле ограничени на позиции како медицински сестри или радио оператори, но сега им е дозволено да служат во речиси секоја единица, вклучително и некои борбени единици.
Пред избувнувањето на борбите во Газа, зголемен број жени регрути преземаа борбени улоги.
Бројот на жени војници скокнал за 350 отсто помеѓу 2013 и 2017 година, според податоците собрани од аналитичкиот центар за демократски институт на Израел. Во 2022 година, жените сочинуваа 17 отсто од борбената сила, според Институтот за национални безбедносни студии, израелски тинк-тенк.
Маром, која служи во баталјонот Барделас, рече дека повеќе нејзини пријатели и нивните сестри ја прашуваат за служење во војска.
„Можам да видам дека повеќе жени, кога ќе наполнат 18 години, сакаат да одат во борба“, рече таа.
Маром одби да шпекулира што ќе прави по војната.
„Кога ќе ја добиеме оваа војна – и ќе ја добиеме оваа војна – тогаш доаѓаме до време за планови за живот“. (МИА)