Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Американците се враќаат на Месечината по 50 години: „Одисеј“ треба да слета пред полноќ

Компанија со седиште во Хјустон во четврток ќе се обиде да го приземји првото американско вселенско летало на Месечината по 50 години. Тоа е дел од напорите на НАСА да го отвори патот за комерцијалните вселенски летала и да ги вратат астронаутите на Месечината до крајот на деценијата.

Ако сè оди според планот, компанијата Intuitive Machines полека ќе го приземји својот шестоаголен робот „Одисеј“ во близина на јужниот пол на Месечината, во 23:30 часот по средноевропско време.

Контролорите на летот треба да го потврдат слетувањето околу 15 секунди откако ќе се случи, а настанот ќе се пренесува во живо на веб-страницата на компанијата. Пред слетувањето, „Одисеј“ ќе пушти надворешна камера која ќе ги „фати“ последните секунди од неговото спуштање.

Обидот на друга американска компанија да го стори тоа минатиот месец заврши со неуспех, што им отежна на приватните компании да докажат дека можат да го повторат она што НАСА го направи со својата последна мисија на Месечината, Аполо 17, во 1972 година.

Скот Пејс, директор на Институтот за вселенска политика на Универзитетот Џорџ Вашингтон, изјави за агенцијата Франс прес дека САД повторно ги зајакнуваат своите способности за истражување на Месечината по половина век пауза.

„Луѓето често прашуваат – ако го правевме тоа во минатото, зошто не можеме да го направиме сега?“, рече Пејс, поранешен член на Националниот совет за вселена.

„Секоја генерација треба да го научи одново“, додаде тој. „Имате предност, ја разбирате технологијата, проблемите и многу повеќе. Но, сето тоа е во книгите. Тоа не е искуство со летање што го имате во малиот прст“.

Зачлени се на нашиот е-билтен