Повеќе од 400.000 песнопојни птици биле убиени во Кипар минатата есен што е резултат на зголемување на криминалот со животни, покажува нов извештај.
Гардијан јави дека групите за организиран криминал користат мамки и звучници кои имитираат птичји звуци за да ги намамат птиците да се гнездат во грмушки или овоштарници, каде што ги фаќаат со мрежи или гранки покриени со лепак. Птиците потоа ги продаваат преку скриениот пазар во ресторани за да се јадат како локално јадење наречено „амбелопулија“, кое е составено од варена песнопојка.
Извештајот, подготвен од организацијата „Брдлајф Кипар“ со поддршка од Друштвото за заштита на птици и Комитетот против убивање птици, покажа дека 435.000 птици биле усмртени на овој начин само во есента 2023 година.
„И покрај големиот напредок во последниве години, оваа есен беше потсетник дека ситуацијата може брзо да се смени ако не се одржуваат ресурсите за спроведување“, вели Мартин Хеликар, директорот на Брдлајф Кипар.
Кипар секоја година е отскочна штица за многу птици при огромните есенски миграции помеѓу нивните места за размножување во Европа до местата за презимување во Африка.
Практиката на заробување на песнопојни птици за човечка исхрана беше забранета во Кипар во 1974 година, но продолжува да се спроведува на индустриско ниво. Пред 20 години, повеќе од 2 милиони птици биле заловувани секоја година, а повеќе од 10 милиони биле убиени само во 1990-тите.
Оттогаш, органите за спроведување на законот во оваа земја соработуваат со Брдлајф Кипар и другите организации за да го намалат бројот на убиени птици.
Марк Томас, шеф на истрагите на Друштвото за заштита на птици, рече дека организираните стапици продолжуваат да остваруваат огромни профити за мал ризик.
„Не можеме да дозволиме напредокот што го постигнавме да се поништи и шокантните нивоа на убиства на песнопојни птици да се вратат на одвратните нивоа што некогаш ги видовме“, кажува тој.
Томас вели и дека се потребни полициски ресурси за да се одржи ниско ниво на ловење птици.
„Веќе две децении, нашето меѓународно партнерство покажа дека можеме да работиме заедно за да се справиме со оваа криминална активност преку директна акција на теренот поткрепена со дејствија за спроведување. Сепак, оваа есен покажува дека треба да се направи уште повеќе, особено во Република Кипар“, вели Томас.
Брдлајф Кипар развива кампања за подигање на свеста која има за цел „да постигне промена во срцата и умовите на локалната култура, од јадење до заштита и ценење на птиците“.