Демократите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го истражуваат компанијата SpaceX за тоа дали Русија пристапила до нејзината сателитска интернет услуга Starlink, како дел од нејзината тековна војна против Украина, се наведува во писмото испратено во средата до компанијата, пишува Гардијан.
Писмото, чии потписници се демократските претставници Џејми Раскин од Мериленд и Роберт Гарсија од Калифорнија, доаѓа откако украинските власти во февруари тврдеа дека пронашле докази за руската употреба на терминалите Starlink за сателитски интернет, нарекувајќи го „системски проблем“.
По наводите за злоупотреба, сопственикот на SpaceX, Илон Маск, изјави дека компанијата не продала ниту еден терминал на Starlink директно на Русија. Раскин и Гарсија во своето писмо велат дека наводната руска „злоупотреба на терминалите Starlink надвор од меѓународно признатите граници на Русија претставува сериозна закана за безбедноста на Украина, животите на Украинците и националната безбедност на САД“, и побараа компанијата да ги пријави сите приговори дека сателитите биле пристапувани.
„Руската набавка, употребата или попречувањето на терминалите на Starlink има потенцијал да ја унапреди бруталната и нелегитимна руска инвазија на Украина“, се вели во писмото.
Демократските пратеници побараа од SpaceX да одговори до 20 март.
Кремљ негираше дека руските војници користат Starlink, додека SpaceX не одговори на барањето за коментар на писмото, кое првпат беше објавено од Вашингтон пост.
Starlink склучи договор во 2023 година за поставување на повеќе од 400 свои терминали во Украина, обезбедувајќи брза интернет конекција од витално значење за комуникацијата на бојното поле во Кијив.
Истрагата на американските законодавци доаѓа додека западните земји се обидуваат да и помогнат на Украина со повеќе оружје и финансии по неуспешната контраофанзива на Кијив минатото лето и откако руските сили ја вратија иницијативата на бојното поле.
Г. Т. (ЦивилМедиа)