Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Политичка травестија: Урсула за надвор, Орбан за по дома

ВМРО-ДПМНЕ за по надвор и за по дома е општа дефиниција за политичка травестија која се дефинира како за лажна, апсурдна или искривена претстава за нешто. Бидејќи покрај тоа што реално и вистинито слушаме што говорат Мицкоски и Силјановска со сите дообјаснувања на партиските стратези и спин мајстори, останува да се задржиме на апсурдното и искривеното.

Тони ПОПОВСКИ

Бидејќи јавноста е помалку или повеќе збунета од она што се случуваше во Букурешт на конгресот на Европската народна партија (групација на десноцентрични партии) еве еден обид да се расчисти маглата околу содржината на обраќањето на Мицкоски и разговорите кои ги имала делегацијата на ВМРО – ДПМНЕ.

Марјан Ѓорчев, доктринарниот идеолог на партијата се обиде да објасни дека „првата димензија е апсолутна поистоветеност на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, со политиките на блокот народни партии низ Европа, исправени пред глобалните предизвици и безбедносни прашања.“

Како би требало да изгледа оваа „апсолутна поистоветеност“ применета кај нас, доколку не се работи за еднонаменски симулакрум:

1. ВМРО ДПМНЕ ги закопува воените вувузели и запалки, и наредниот пат кога ќе дојде Урсула ќе ја дочека со погача и сол и врамена „преговарачка рамка“ во мијачка резба, секако проследено и со искрени насмевки и страст во очите за да лидерката на европските десно-центристи навистина се почувствува како меѓу своите.

2. ВМРО – ДМНЕ нагласува дека е проевропска, про-НАТО, и про-украинска партија како и јасен поддржувач на демократските вредности за кои се залага Европската народна партија.

3. ВМРО – ДПМНЕ ќе ја брани демократијата против евроскептиците и ќе ги брани вредностите против пријателите на Путин (читај Орбан).

4. ВМРО – ДПМНЕ се залага за демократија, одбрана на демократските вредности и многу цврсто се залага за владеењето на правото.

5. ВМРО ДПМНЕ ја поддржува Украина и се бори против обидот на Путин да ја ослабне и подели Европа.

6. Изјавуваме дека одговорите на ВМРО ДПМНЕ на погоренаведените предизвици се многу јасни.

Бидејќи ова од погоре и за по надвор е премногу Урсула, од Букурешт добивме и малку Орбан, за по дома.

Во еден од наклонетите портали осамна следнава вест: „Во значајна пригода на конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Виена (инаку настанот беше во Букурешт), лидерот на македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја откри храбрата визија за европската иднина на земјата“ со следново „храбро“ допрецизирање:

1. ВМРО-ДПМНЕ се вклучува во преговорите, но само на рамноправна основа (без неправедни ограничувања и пречки, со реципроцитет, праведно ангажирање едни за други, и светилникот подеднакво да свети на сите аспиранти).

2. ВМРО-ДПМНЕ ќе води проевропска влада.

3. Нема да коленичиме и да бидеме измеќари и подлизурковци (како тие што не припаѓаат на нашиот „политички“ народ).

4. Цврсто против уставните амандмани кои ги вклучуваат Бугарите во Преамбулата на Уставот, ВМРО-ДПМНЕ поставува принципиелен став.

5. Нема да ги распродаваме интересите на Македонија.

Како кореспондира првата со вторава низа на истовремени заложби на ВМРО – ДПМНЕ е политиколошка загатка која може да се објасни само преку дискурсот на политичката травестија.

Општа дефиниција за травестија е дека се работи за лажна, апсурдна или искривена претстава за нешто.  Бидејќи покрај тоа што реално и вистинито слушаме што говорат Мицкоски и Силјановска со сите дообјаснувања на партиските стратези и спин мајстори, останува да се задржиме на апсурдното и искривеното.

Урсула вон дер Лајен за време на својата последна посета на Републиката, на 30 октомври, 2023 година ја даде следнава изјава: „Еден ден, јас сум апсолутно убедена дека ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и свој јазик. Денес веќе имаме 24 различни јазици во Европската унија. И еден ден меѓу нив ќе го вброиме и македонскиот. Ви благодариме многу за одличната работа што ја направивте (до претходниот премиер Ковачевски). Преговарачките тимови работат фантастична работа. Наша цел е да ги отвориме преговорите за основниот кластер на поглавја уште оваа година (2023). И знам дека можеме да го направиме тоа. Се разбира, јас сум свесна за тековната работа за измена на вашиот устав. Во вашиот парламент се направени првите чекори – и тоа е добра вест. Сега, се надевам дека сите страни (вклучувајќи ја и лојалната на Урсула, ВМРО-ДПМНЕ) ќе ја искористат оваа можност да продолжат напред. Затоа што сега има вистински моментум, низ цела Европската унија и оние земји кои сакаат да влезат во Европската унија, за процесот на проширување.“ Една година претходно, на 26 октомври, 2022 година, Урсула ќе изјави „И морам да кажам, драг Димитар, дека беше потребно многу лидерство, што го покажавте, а на парламентот на Северна Македонија му требаше многу храброст да го помине тој праг. И многу ми е мило што го сторивте тоа. Затоа што доведе до тој историски ден од јули (познат и како денот на запалките и гласните вувузели) , кога конечно ги отворивме пристапните преговори. Почитуван премиере, како што ветив, веднаш започна скринингот на acquis. Сега земјата е цврсто на вистинскиот пат и преговарачкиот процес зема замав. И има многу добра работа што се работи.“

Чесно кон јвноста и искрено кон сопственото членство, носење на Урсула дома, а не само употреба на нејзиното име за по надвор, значи да се’ седне со другите партии и групации во Собранието, да се донесат уставните измени и заедно да се изгради позиција за отворање на првиот кластер на поглавја за време на втората Меѓувладина Конференција со ЕУ инаку закажана по автоматизам. Таму во Брисел се’ оди гордо, достоинствено и со исправена кичма наместо на изборна парада со довикувања од дома. Тоа Урсула очекуваше да биде направено заклучно крајот на 2023, но не е направено бидејќи ова раководство на ВМРО ДПМНЕ не го направи. Тоа што не го прави е и јасно да ја осуди агресијата на Руската Федерација врз Украина и недвосмислено и целосно да застане зад Украина, а не го прави за да не ги наруши цврстите структурни врски со Орбан, себедекларираниот пријател на Путин во Европа. НАТО и Украина барем до овој момент не ги гледаме ниту слушаме во изборната скрипта на ВМРО-ДПМНЕ, па оттаму и впечатокот дека сепак се работи за евроскептично раководство на оваа до пред деценија и пол, нагласено евроатлантска партија.

Додека чекаме ВМРО -ДПМНЕ да ја донесе Урсула дома, по сѐ изгледа ќе продложиме со ликот и делото на Орбан применето на македонски начин со авторитарен зачин: „Нашиве политички противници се измеќари и подлизурковци (читај предавници на Македонците односно на нашиот „политички“ народ). Доаѓа крај на понижувањата, одземеното достоинство и време кога Македонија ќе стане горда држава. Тие се луѓе аматери. Мислеле дека ако ја направиме оваа отстапка од утре се отвора патот кон ЕУ, и нема да има никаков проблем (читај, ние сме тука да направиме проблем, а не да бидеме дел од Вашите и тие на Урсула, решенија). И страшно е кога уште веруваат дека се на правиот пат. Власта и нанесе голема штета на Македонија со договорот за добрососедство со Бугарија. Пендаровски и СДС прифатија капитулантски договори на штета на Македонија.  Политиката на свиткана кичма донесе блокади (и покрај тоа што почнавме да преговараме но тие со исправена кичма, со нога ги блокираа преговорите) , понижувања, згазено достоинство и поголеми апетити на оние кои не и мислат добро на Македонија. На Пендаровски граѓаните нема да му веруваат, туку него ќе го „решат“ и ќе му ја покажат излезната врата.“ Ова последново искажување за вратите на институциите, и кој може да влезе, а кој мора да излезе и да остане надвор, е особено орбановско по стил, бидејќи токму тој не само што и ја покажа излезната врата на унгарската опозиција од државата која во моментов припаѓа само на неговиот „политички“ народ, туку и ја истурка низ неа.  

Зачлени се на нашиот е-билтен