Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Украинскиот филм „20 дена во Мариупол“ доби Оскар за најдобар документарен филм

„20 дена во Мариупол“ е првиот украински филм снимен од украински режисер кој некогаш добил Оскар

Филмот „20 дена во Мариупол“, во режија на украинскиот новинар Мстислав Чернов, го освои Оскарот за најдобар документарен филм на 96-тото доделување на Оскарите.

Документарецот, како што пишува Кијив Индипендент, ја снима руската опсада на Мариупол во Доњецката област од перспектива на Чернов и неговата екипа во текот на првите недели од целосната инвазија. Тоа е првиот украински филм снимен од украински режисер кој некогаш добил Оскар.

Чернов за овој значаен момент во украинската кинематографија рече дека е почестен, но и дека посакува никогаш да не морал да ги документира борбите во Мариупол.

„Посакувам никогаш да не го снимав овој филм“, рече тој.

Чернов е украински фотограф, фоторепортер и режисер кој работел за Асошиетед прес кога Русија ја започна својата сеопфатна војна против Украина.

Документарецот „20 дена во Мариупол“ содржеше 30-часовна видео снимка на Чернов и неговите колеги во Мариупол пред екипата да го напушти опколениот град. Чернов и неговата колешка од АП Василиса Степаненко пристигнаа во Мариупол еден час пред целосната руска инвазија на 24 февруари.

Од неговото објавување во јануари 2023 година, „20 дена во Мариупол“ освои награди од публиката на филмскиот фестивал Санденс, Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам, канадскиот документарен фестивал „Хот Докс“ и „ДокуДејсУА“.

Руската повеќемесечна опсада на Мариупол меѓу февруари и мај го претвори пристанишниот град во пејзаж од урнатини и уби илјадници.

„Киното формира спомени, а сеќавањата ја формираат историјата“, рече Чернов на крајот од својот говор.

„Благодарам на Украина. Слава Украини“, беа завршните зборови на украинскиот режисер.

„Опенхајмер“ на Кристофер Нолан, вознемирувачки поглед на зората на атомската ера, доминираше на годинешното 96. доделување на Оскарите, освојувајќи седум награди, меѓу кои и за најдобар филм и за најдобра режија. Филмот, кој доби дополнителна резонанца во време на меѓународен конфликт, доби и Оскар за главната машка улога – Kилијан Марфи како Џеј Роберт Опенхајмер и за најдобра споредна машка улога – Роберт Дауни Џуниор како одмаздољубив бирократ.

Седум години по победата за „Ла Ла Ленд“, Ема Стоун го доби својот втор Оскар за најдобра актерка во филмот „Poor Things“.

Давин Џој Рендолф го доби Оскарот за најдобрата споредна женска улога во извонредната драма „The Holdovers“.

(Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново