Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европскиот совет ги усогласи насоките за подготовка на Буџетот на ЕУ за 2025 година  

 Членките на ЕУ денеска во рамки на Европскиот совет постигна договор за насоките за Буџетот на Унијата за 2025 година, кои треба да и помогнат на Еврокомисијата при подготовката на буџетската рамка за следната година, јави дописникот на МИА од Брисел. 

Во своите заклучоци, Советот нагласува дека Буџетот на ЕУ за 2025 година има клучна улога за развојот и реализацијата на долгорочните цели и политичките приоритети на Унијата, афирмирајќи ја посветеноста, заедно со партнерите, да обезбеди финансиска помош за Украина онолку долго колку што ќе биде потребно, како и да ја поддржи нејзината одржливост и долгорочна обнова. 

– Советот ја нагласува важноста Буџетот за 2025 година да продолжи да ја покажува солидарноста на Унијата со народот на Украина и да одговори на поврзаните кризи, се додава во соопштението. 

Земјите членки, исто така, сметаат дека Буџетот за 2025 година треба да биде реален, во согласност со реалните потреби, да обезбеди разумно буџетирање и да остави доволно маргини под крајните суми во Повеќегодишната финансиска рамка за справување со непредвидени околности и предизвици. 

– Во исто време, Буџетот за 2025 година треба да обезбеди доволно ресурси за да се овозможи имплементација на програмите на Унијата и навремена исплата на веќе преземените обврски. Советот ја повикува Комисијата да го усогласи Нацрт-буџетот за 2025 година со исходот од договорот за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, согласно заклучоците на Европскиот совет од 1 февруари 2024 година, посочува Советот. 

Воедно се нагласува потребата Комисијата да ги идентификува неопходните пренамени за финансирање на приоритетите утврдени во буџетската ревизија. 

– Советот ја повикува Комисијата да ги земе предвид и во нацрт-буџетот за 2025 година да ги одрази сите заеднички договорени приоритети во заклучоците на Европскиот совет од 1 февруари 2024 година, се заклучува соопштението. 

Зачлени се на нашиот е-билтен