Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Маринакис: За мигрантските бранови на југот од Грција клучна е соработката со Египет

Мигрантските бранови во јужниот дел на Грција не се од големи размери, но ситуацијата се следи и ќе направиме сè што е потребно за да ги заштитиме границите на земјата, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на бегалците и мигрантите на островот Гавдос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатиот период беа регистрирани низа случаи на чамци со мигранти на малиот остров Гавдос што е и најјужната точка на Грција, но и Европа.

За мигрантското прашање, Маринакис објасни дека брановите кај Еврос на копнената граница со Турција се сведени на нула и драстично се намалени во источниот дел на Егејското море.

– Во овој момент нашето внимание повеќе е насочено кон јужниот дел на земјата, каде што се забележува мал бран и не е нешто што во овој момент е од големи размери. Клуч за ова, очигледно е Египет и нашата соработката со Египет и затоа е многу важна посетата на Мицотакис таму, рече Маринакис.

Грчкиот премиер, в недела заедно со претседателката на Европската комисија, премиерката на Италија и премиерот на Белгија ќе бидат во Каиро, каде што ќе се сретнат со претседателот на Египет.

Портпаролот на грчката Влада рече дека „посетата ја симболизира важната и клучна улога на Египет во регионот во услови на многубројни предизвици, како и стратешкото значење на Египет за Европската унија“.

-Грција одржува одлични односи со Каиро, со кој дели заедничка перцепција за поширокиот регион на Медитеранот и изнаоѓање решенија за стабилност и мир во регионот. Кирјакос Мицотакис веќе подолго ја истакнува важноста на стратешкото партнерство меѓу Европската унија и Египет, а беше првиот европски лидер кој ја истакна важноста на Египет за Европската унија и за стабилноста во регионот, неколку дена по терористичките напади на Хамас против Израел, рече Маринакис.

За време на посетата на Каиро планирано е Мицотакис да одржи билатерална средба со египетскиот претседател Сиси. 

Зачлени се на нашиот е-билтен