Претседателот на Чешката Република, Петр Павел оцени дека во моментов не е возможно да се преговара за мир во Украина бидејќи Русија се уште верува дека може да ги постигне своите цели, не е заинтересирана за компромиси и дава предлози кои претставуваат диктат.
„Не може да се преговара за компромис во ситуација кога Русија очигледно верува дека може да ги постигне своите цели и нема интерес да преговара. Затоа што сето она што Русија досега го презентираше како предлог за преговори, всушност беше диктат. Русија предлага своја листа на услови кои, како агресор, воопшто не би имала право да ги даде“, изјави Павел во интервју за онлајн дневниот весник Aktualne.cz.
Чешкиот претседател, пензиониран генерал и поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, оцени дека војната во Украина може да трае додека една од страните не биде поразена или и двете не дојдат до заклучок дека повеќе не се во состојба да ги остварат своите цели.
„Она што го правиме е поддршка на Украина во нејзината цел за целосно обновување на суверенитетот. Но, реално сме свесни дека тоа не е можно во краток рок. Сепак, она што е можно е Русија да не може да ги постигне своите цели и да сфати дека војната не води никаде“, рече Павел.
Според него, актуелната војна веројатно би завршила доколку Западот престане да испраќа помош за Украина.
„Војната веројатно би престанала. Тоа би завршило со големо страдање на Украинците, големи материјални штети и сосема поинаку отколку што би сакале. Русија би ја зајакнала својата свест дека резултати може да се постигнат со сила и би ги инспирирала другите земји кои се раководени од принципите на авторитаризам, наместо соработка и еднаквост. И со тоа би имале големи проблеми“, изјави чешкиот претседател.
Павел во интервјуто направи паралела со Минхенскиот договор од 1938 година, кога големите европски сили му дадоа благослов на Хитлер да ја распарчи и окупира тогашната Чехословачка со надеж дека ќе бидат задоволни со тоа, дека нема да оди понатаму и дека на тој начин Втората светска војна ќе биде избегната.
„Од многумина слушаме дека не им е грижа за Украинците, и треба да се грижиме за своите луѓе. Денес, ако ја собереме целата помош дадена за Украина, таа претставува помалку од половина процент од БДП на одделни земји. Кога би разбрале дека помагањето на Украина не е фрлање пари во црна дупка, туку дека тоа е инвестиција во нашата иднина, тогаш нашата безбедност би ја гледала поинаку“, истакна Павел.
Тој предупреди дека оваа помош е „само финансиски товар“ за Западот.
„Таму Украина крвари. Ако дозволиме да искрвари, ќе треба да трошиме многу повеќе пари во иднина за да живееме безбедно отколку сега кога и помагаме на Украина. И затоа ќе и помогнеме“, смета чешкиот претседател.