Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант следната недела ќе го посети Вашингтон, соопшти денеска израелската Влада.
Посетата ќе се реализира во време на зголемен притисок од меѓународната заедница со цел спречување на плановите на Израел за голема воена операција во градот Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, објави дека испраќа делегација во САД на барање на американскиот претседател Џо Бајден. На средбата на израелските и американските претставници ќе се разговара за можната израелска воена операција во Рафах.
За Галант ова ќе биде прва официјална посета на Вашингтон од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Тој ќе има средба со својот американски колега Лојд Остин, се вели во соопштението на Министерството за одбрана, во кое не е прецизирано кога ќе се одржи средбата.
Двајцата министри ќе разговараат за „развојот на војната против терористичката организација Хамас, хуманитарните прашања и билатералната воена соработка“.