– Планот што денеска Украина го достави до ЕУ е показател како земјата со комбинација на реформи и инвестиции може да се врати на брз раст и да почне да ги надоместува загубите што ги предизвика руската агресија, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред средбата со украинскиот премиер Денис Шмихал.
– Ова е навистина клучен момент во нашата соработка. Вашиот успех во изработката на Планот е уште поимпресивен, бидејќи пред само 19 дена стапи во сила Украинскиот механизам. Тоа ќе го поттикне растот и во исто време ќе и помогне на Украина да се приближи до нашата Унија. Посветеноста на украинската Влада е навистина извонредна, особено што се уште се соочувате со бруталната руска агресија, изјави Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Планот сега ќе биде внимателно разгледан и изрази надеж дека Еврокомисијата наскоро ќе може да даде позитивна препорака до Советот на ЕУ за негово одобрување.
– Украинскиот механизам вреден 50 милијарди евра, поткрепен со Планот, е убедливо најголемата програма за поддршка за Украина. Планот ќе претставува и клучна референтна точка за другите донатори и е клучен за Украина да обезбеди кохерентност на поддршката, додаде претседателката на ЕК.
Таа најави и дека Европската комисија денеска на Украина и ја исплатила првата транша во рамки на Механизмот во износ од 4,5 милијарди евра.
– Оваа исплата е клучна за да ви помогне да го одржите функционирањето на државата во овој многу тежок момент, рече Фон дер Лајен.
Според неа, откако Украина ќе ги исполни договорените услови, во текот на април Европската комисија ќе исплати уште една транша од 1,5 милијарди евра.
– Денес е добар ден за Украина. Средствата за задоволување на итните потреби пристигнуваат. Земјата постави цврста основа за поддршка од ЕУ до крајот на 2027 година, заклучи Фон дер Лајен.
Шмихал, од своја страна, нагласи дека Планот ќе овозможи предвидливост во обновата на Украина и во спроведување на реформите и дека ќе ја доближи земјата до ЕУ.
– Обединета Европа донесе круцијални одлуки за нашата заедничка иднина. Украина и ЕУ не биле никогаш посполтени во заедничките вредности, аспирации и надежи, истакна украинскиот премиер, додавајќи дека земјата секогаш ќе ја цени помошта и поддршката што ја добива во ЕУ за зајакнување на нејзината отпорност и економија.
Шмихал, претходно се сретна и со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел и со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.
По средбата Борел потврди дека до Советот на ЕУ доставил предлог за искористување на профитите од руските блокирани средства за поддршка на Украина, најавувајќи дека 90 проценти од овие средства ќе бидат распределени преку Европскиот мировен фонд, а 10 отсто преку Буџетот на ЕУ.
Според него, одобрувањето на ваквиот предлог од страна на лидерите на ЕУ ќе биде показател за единството и посветеноста на Унијата за поддршка на Украина и нејзиниот народ.