Најостро го осудувам приведувањето на новинарот Фуркан Салиу и во одбрана на медиумската слобода застанувам против насилните мерки на МВР за замолчување на новинарите, реагираше на социјалните мрежи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Потврда дека партијата продолжува со истите методи за апсење новинари и линч врз медиумите е денешната полициска акција откако новинарот објави скандал поврзан со ВМРО ДПМНЕ за лажирани анкети и продукција на лажни вести“, нагласува Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласува деа овој чин е „класично загрозување на слободата на говорот и медиумската демократија, директен притисок врз независните истражувачки новинари кои постојано се на страната на вистината и на јавниот интерес“ и потсетува дека „во изминатите години откако СДСМ е на власт немаше ниту еден приведен новинар, ниту еден затворен медиум, ниту какво било влијание врз уредувачката политика на медиумите“.
„Приведувањето на новинарот нè потсети на мрачното минато кога ВМРО ДПМНЕ имаше целосна медиумска контрола и кога новинарите беа постојано под закани и уцени, а некои завршија во затвор“, истакнува Костадиновска-Стојчевска и завршува со пораката дека „СДСМ заедно со граѓаните нема да дозволи МВР повторно да биде партиска испостава на ВМРО ДПМНЕ и нема да молчиме пред новиот напад врз слободното новинарство“.