Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор претседателски мандат Стево Пендаровски вели дека не е негово да проценува со кого ВМРО-ДПМНЕ ќе оди во коалиција по парламентарните избори на 8 мај.
Пендаровски, осврнувајќи се на вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во која објави мораториум на нападите врз Левица и ЗНАМ и повика на обединување, рече дека е демократски секој да одлучи со кого ќе коалицира.
„Не е мое да проценувам со кого сака да коалицира, се разбира дека може, демократија е. Кој ќе прифати,а кој нема да прифати и тоа е демократски избор“,рече Пендаровски одговарајќи на прашања од граѓани по завршувањето на неговиот вечерашен митинг во скопската Општина Бутел.
Според Пендаровски, она што е симптоматично е што изјавата на Мицкоски доаѓа уште на првиот ден од почетокот на кампањата за парламентарните избори.
„Она што мене ми е симптоматично е што на првиот ден од кампањата за парламентарни избори Мицкоски бара помош, бара дополнителни коалициони партнери. Ние тоа не го правиме. Нашата коалиција е од најмалку 15 политички партии, направена е многу одамна, се базира на вредности и принципи. Ние во сред кампања не бараме помош од пријател“,рече Пендаровски.
Тоа, како што рече Пендаровски, е јасен знак на слабост „затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна“.
Мицкоски вчера на централниот митинг во Охрид, рече дека чувствувал оти македонскиот народ имал потреба за национално единство и најави дека оваа негова идеја ќе се обидел да ја реализира „во моменти кога таа ѝ е најпотребна на Македонија“. Со Левица и ЗНАМ имаме свои разлики по повеќе прашања, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, „но ценам дека во моментов најклучно за иднината на земјата е да се фокусираме на оние што ја киднапираа Македонија од рацете на граѓаните“.
Преземено од 360 степени