Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ОН: Речиси 282 милиони луѓе ширум светот се соочиле со акутен глад во 2023 година

Речиси 282 милиони луѓе во 59 земји се соочија со акутен глад во 2023 година, а појасот Газа беше територијата на која минатата година најмногу луѓе страдаа од глад, се наведува во извештај на Обединетите нации.

Во извештајот се вели дека во 2023 година бројот на луѓе кои се соочиле со акутен глад се зголемил за 24 милиони во споредба со 2022 година поради наглото влошување во сигурноста на снабдувањето со храна, особено во Појасот Газа и Судан. Исто така, се нагласува дека ОН го зголемиле бројот на земји во кои го следат снабдувањето со храна во однос на 2022 година.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во воведот на извештајот изјави дека тој претставува „прозивка за неуспесите на човештвото“ и оти „во свет на изобилие, деца умираат од глад“ и повика на итен одговор на меѓународната заедница на наодите од извештајот, кој би вклучувал трансформација на глобалниот систем за снабдување со храна и зголемување на помошта за најзагрозените области.

– Конфликтите што избувнаа во последните 12 месеци доведоа до катастрофална глобална ситуација, нагласи Гутереш.

Главниот економист на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО), Максимо Тореро, рече дека 705.000 луѓе во пет земји се во петта фаза, највисоко ниво на скалата на глад утврдена од меѓународни експерти, што е највисока бројка откако се изготвува глобалниот извештај од 2016 година, а минатата година се зголеми за четири пати во споредба со таа почетна година.

Повеќе од 80 отсто од луѓето кои се соочуваат со глад, 577.000 од нив, се во Појасот Газа, рече Тореро. Според него, илјадници луѓе се соочуваат со катастрофален глад во Јужен Судан, Буркина Фасо, Сомалија и Мали.

Според проценките на ОН, околу 1,1 милион луѓе во Појасот Газа и 79.000 во Јужен Судан ќе се соочат со екстремен глад до јули. Исто така, се истакнува дека конфликтот на Хаити ќе продолжи да влијае на несигурноста на храната во таа земја, каде вооружени банди контролираат голем дел од главниот град Порт-о-Пренс.

Зачлени се на нашиот е-билтен