Ансамблот на НУ Народен театар-Битола гостува на манифестацијата „Денови на Игор Вук Торбица“ која од денеска до понеделник се одржува во Нови Сад, во чест на прерано починатиот уметник Игор Вук Торбица.
Домаќин и организатор е Српскиот народен театар, а битолските актери ќе настапат утревечер со претставата „Бакхи – краток преглед на распадот“ која во 2019 година ја режираше Торбица со асистенција на Јова Ристовски.
Во претставата учестуваат актерите Маја Андоновска-Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Никола Стефанов, Викторија Степановска-Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.
Покрај македонски актери, на „Денови на Игор Вук Торбица“ годинава настапуваат и драмскиот театар „Гавела“ од Загреб, Народен театар „Тошо Јовановиќ“ од Зрењанин и Народен театар-Белград, чии актери вечер ја отвораат манифестацијата во Нови Сад.