– Европската Унија треба да даде многу јасен политички сигнал дека е за нејзино проширување, оцени новиот португалски министер за надворешни работи Пауло Ранжел.
– Мораме да создадеме услови и во државите кои сакаат да станат членки на Европската Унија и во самата ЕУ, со цел проширувањето да може да се случи што е можно побрзо, заклучи Ранжел.
Тој истакна дека има „многу позитивни очекувања“ од процесот на проширување на ЕУ, иако, како што рече, „тоа е тешко прашање кога станува збор за преговорите“.
Според Ранжел, потребно е да се зголеми Повеќегодишната буџетска рамка на Европската Унија со цел да се обезбедат средства за покривање на трошоците за процесот на проширување, но и за зајакнување на одбраната.
– Мислиме дека треба да има зголемување на Буџетот, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Европската Унија, за да можеме да одговориме на тројната транзиција – дигитална, еколошка и социјална, но и на прашањето за одбраната и прашањето за проширување и конкурентност, рече Ранжел по учеството на годишната конференција на Европската комисија во Брисел посветена на буџетот на ЕУ, насловена „Гледајќи напред: Буџет на ЕУ на иднината“.