Грчкиот премиер синоќа испрати две пораки до веројатните нови власти во Македонија
Во Македонија Преспанскиот договор стана постизборно прашање, а во Грција една од клучните теми за европските избори на 9 јуни.
Премиерот Киријакос Мицотакис испрати пораки и до Скопје и до базата на Нова демократија од градот Верија по вчерашните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Се разбира дека сакаме да разговараме. Не отстапуваме од црвените линии“, рече Мицоткас осврнувајќи се на толкувањето на Преспанскиот договор од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и веројатниот премиер Мицкоски. „Во Егејското Море имаме смиреност“.
А потоа додаде дека „во однос на отворените прашања со нашиот северен сосед, би сакал да бидам јасен од срцето на Македонија (Верија е 70 километри западно од Солун): Нова демократија не гласаше за Договорот од Преспа. Но, ние рековме – и никогаш не ви се потсмевав – дека штом ќе се изгласа, не може да се смени“.
Мицотакис потоа индиректно му одговори на Христијан Мицкоски, кој вчера изјави дека ќе го користи терминот „Македонија“.
„Ако некои веруваат дека можеби нема да го почитуваат Договорот од Преспа, треба да знаат две работи: Прво, дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен. И второ, меморандумите нема да се ратификуваат додека не се постигне апсолутно почитување на Преспанскиот договор“, рече Мицотакис.
Тој изјави дека владата на националните прашања пристапува „без крајности, без разногласие, строго и сериозно“.