Сега ја имаме комплетната слика создадена од Трамп, таткото на слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“, заедно со копикет слоганот на Унгарија „Да ја направиме Европа повторно голема“ и со слоганот на Мицкоски, односно ВМРО-ДПМНЕ „Да ја направиме Македонија повторно горда“.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Епа добро, сега ја имаме комплетната слика создадена од Трамп, таткото на слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“, заедно со копикет слоганот на Унгарија „Да ја направиме Европа повторно голема“ и со слоганот на Мицкоски, односно ВМРО-ДПМНЕ „Да ја направиме Македонија повторно горда“.
Убеден сум дека слоганот на Мицкоски не му бил баш по ќејф, ама веројатно попуштил зашто ако одеше со слоганот „Да ја направиме Македонија повторно голема“, ќе си имаше уште за време на кампањата проблеми не само со Мегали Грција, туку и со Голема Бугарија, Голема Албанија, а богами немаше да изненади и придружувањето на Голема Србија за да биде хорот ГОЛЕМ.
Ајде да појасниме малку за недоволно упатените. „Да ја направиме Европа повторно голема“ е официјалното мото на Унгарија за нејзиниот претстоен мандат во ротирачкото претседателство со Советот на Европската унија кој започнува на 1 јули.
Слоганот и новото лого беше објавено во вторникот и тоа, како што се „да примјетити“ е точна копија на слоганот на Доналд Трамп од неговата преходна претседателска кампања, која како што гледаме, ќе го користи и во претстојната трка за Белата Куќа, макар и од затвор.
Според соопштението на унгарското претседателство, логото на коцка претставено заедно со слоганот „МЕГА“ било инспирирано од „светски познатиот унгарски изум, Рубиковата коцка“, која оваа година слави 50-годишнина.
Никој не се сомнева дека Трамп нема да го тужи Орбан за авторски права зашто знаеме дека тој имаше пофалби за унгарскиот премиер.
„Нема никој подобар, попаметен или подобар лидер од Виктор Орбан. Тој е фантастичен“, изјави поранешниот претседател пред толпата собрана на концерт во одморалиштето Флорида, како што беше прикажано во серија видеа објавени на Инстаграм профилот на Орбан.
Трамп го угости унгарскиот моќник во Мар-а-Лаго во март оваа година, и потврди дека тие двајца останале во контакт откако тој ја напушти Белата куќа во 2021 година.
Орбан избра да се сретне со Трамп, како иден претседател, според неговите прогнози и желби.
Двајцата имаат долга историја на меѓусебно восхитување и еден од првите потези на Трамп откако стана претпоставен кандидат на републиканците беше да се сретне со европски автократ зборува многу. Како што зборува и неговото восхитување од Путин, Си Џипинг и Ким Џунг Ил, за кого рече дека си разменувале писма после кои се вљубиле еден во друг.
Пред средбата со поранешниот претседател во март, Орбан ги поддржа ставовите на Трамп за Украина и тоа беше музика за ушите на Путин за тоа што би значел втор мандат на Трамп. „Не е коцкање, туку всушност обложување на единствената разумна шанса, ние во Унгарија да се обложиме на враќање на претседателот Трамп“. Така зборуваше Орбан и уште додаде дека „единствената шанса на светот за релативно брз мировен договор (во Украина) е политичката промена во САД и тоа е поврзано со тоа кој е претседател“, мислејќи секако на Трамп.
На нашата домашна сцена, освен врската преку слоганите, за конекцијата Орбан-Мицкоски, во мај 2023 година беше објавено дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Брдо во Словенија разговарал со унгарскиот премиер Виктор Орбан за интеграциите на Македонија во ЕУ и за поддршката на владејачката партија во Будимпешта во изготвувањето на програмата на македонската партија за парламентарните избори.
И Мицкоски и Орбан присуствувале на средбата на Центристичката демократска интернационала, чии членови се и ВМРО-ДПМНЕ и унгарската Фидес. Според соопштението од партијата Мицкоски и Орбан договориле „заедничка соработка на тимови на ВМРО-ДПМНЕ и Фидес за размена на искуства и поддршка во процесот на изработка на изборната програма за претстојните избори“.
Не мора да значи, но на таа средба на комуникаторите на Орбан и Мицкоски, ако не бил договорен слоганот „Да ја направиме Македонија повторно горда“, бездруго имало бура на идеи, која, очигледно, била инспирирана од трампистичкиот „Да ја направиме Америка повторно горда“.
А, којзнае, во таа бура можеби паднала и брилијатната идеја за една милијарда унгарски евра за Северна Македонија под водство на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.