Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Џентлментска влада

  • Без разлика на политичките интерпретирања и на формално правното детерминирање, фактичката реалност докажува дека во владата секогаш имало премиер и прв заменик премиер Aлбанец
  • Во албанскиот кампус со премиер му се обраќаат на првиот заменик премиер, а пред секоја седница на влада се одржува пред-седница на „албанската влада“!
  • Тој што смета дека не треба да има прв вицепремиер Албанец веројатно и во 2024 година сонува за „Македонија на Македонците“!

Пишува: Сефер ТАХИРИ

Дали новата влада на Мицкоски има или нема прв заменик премиер Албанец? Ова прашање се покрена како да е од најбитните за функционирање на власта?

Изет Меџити се самопромовира за прв заменик премиер, но неговиот колега од коалицискиот партнер, заменик премиерот Александар Николовски го демантира велејќи дека Меџити е ист како и сите други пет заменици премиери. ДУИ ги исмејува коалицијата ВРЕДИ и Меџити, бидејќи не се на иста позиција како ДУИ и Артан Груби, кој ја имаше позицијата прв заменик премиер и беше нарекуван „премиер во сенка„ а неговиот лидер, Али Ахмети газда на Македонија! ВМРО ДПМНЕ објасни дека законот за влада не предвидува таква функција, туку само деловникот на владата! Дилемите ги расчисти премиерот Мицкоски, кој објасни дека Меџити е заменик премиер со џентлментски договор!

Значи не според законот, туку според мeѓупартискиот договор! Уште еднаш ни се докажува дека партијата (партиите) на власт се над законот, над правниот поредок, над се.

Иако ВМРО-ДПМНЕ вели дека деловникот на владата не може да биде над законот, џентлменството мoжe да биде над законот.

Но, без разлика на политичките интерпретирања и на формално правното детерминирање, едно е јасно, фактичката реалност докажува дека во владата секогаш имало премиер и прв заменик премиер, иако од 2017 година беше именувана како таков.

Така било од времето на ДПА во 1998, кога фактички од позиција на пратеник, задачите на заменик премиер ги извршуваше Мендух Тачи, заменик претседателот на ДПА.

Во времето на ДУИ и СДСМ, од 2002 до 2006 и од 2006 до 2016 година во времето на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ таа функција му припаѓаше константно на Муса Џафери.

Во албанскиот кампус со премиер му се обраќаат на првиот заменик премиер, а пред секоја седница на влада се одржува една пред-седница на „албанската влада“!

Вака било и вака ќе биде во иднина! Секако дека премиерот Мицкоски би сакал министрите и другите функционери одговорност за нивната работа да даваат само пред него, а не во стилот на Агрон Буџаку, поранешен министер во владата од 2002 година, кој изјавуваше дека „шеф ми е Али Ахмети“!

Поради демографската структура на населението и политичката историја на Албанците, особено по Охридскиот договор во 2001 година, политичкиот и уставно-правниот систем на земјата е дефиниран со биетнички механизми или клучеви. Тоа се Бадентеровиот принцип или двојното мнозинство за гласање на закони во Собранието, кои ги тангираат етничките заедници и Комитетот за односи меѓу заедниците, како „долен дом“ на Собранието или како филтер за дебатирање за изнаоѓање на решенија за етничките прашања.

И покрај фактот што не пишува во законот дека владата треба да се составува со албанска или албански партии, реалноста диктирала дека од 90-те години немала влада без партија на Албанците, иако тоа не секогаш била победничката во етничка смисла. Како што ДУИ актуелно се повикува на легитимитетот на Албанците, така се повикуваше и во 2006 година, кога дел од власта со Груевски стана ДПА, а во 1998 наместо ПДП, првата партија на Албанците, во власта со ВМРО ДПМНЕ во име на стратешкото идеолошко партнерство исто влезе ДПА.

Имајќи ги предвид овие факти, кои дел се формално правни а дел се објективни без правно покритие, и во иднина ќе има влада со двајца шефови, премиерот и неговиот заменик Албанец, макар било тоа со џентлментски компромис. Ќе има една владина програма составена од две партиски или коалициски платформи!

Тој што смета дека не треба да има прв вицепремиер Албанец веројатно и во 2024 година сонува за „Македонија на Македонците“! (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен