Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Политичарките на мета на навреди, да се даде простор за нивно поголемо присуство во медиумите

Родово-сензитивниот јазик е нешто што можеме да го користиме, македонскиот јазик тоа го дозволува, и треба што почесто да го користиме, само заради тоа што дополнително ќе ја промовира и родовата еднаквост

Политичарките во државава се многу поизложени на штетни наративи за разлика од нивните машки колеги, а стереотипите кон жените во политиката, сексизмот и мизогинијата се само некои од причините поради коишто говорот на омраза и навредите во јавниот простор се поизразени и почести. Политичарките во Северна Македонија се соочени со сексизам, навреди и дискриминација во медиумите и за време на јавните настапи. За време на избори, политичарките најмногу се изложени на вербално насилство, стереотипи и дискриминација, кои не се само проблем во политички контекст, туку и во создавањето генерални стереотипи на нивниот потенцијал во политиката во јавната сфера, што натаму води кон родово базирано насилство. Сексистичките коментари го нормализираат насилството, додека медиумите, во потрага за повеќе кликови и лајкови, неретко ги изостануваат основните етички норми, но и препораките за известување за одредени лица или теми.

Анализата што ја изработи Институтот за комуникациски студии (ИКС), покажува дека онлајн нападите со родова содржина претставуваат деструктивна алатка што може да се користи на различни начини во текот на изборите, со цел да ги одврати жените да учествуваат како кандидатки. И оттука од особена важност е известувањето на медиумите за време на изборните процеси да не придонесува за креирање и ширење родово-штетни наративи.

Она што го забележува истражувањето е дека новинарските извештаи сувопарно ги пренесуваат информациите и изјавите по редоследот како што се појавуваат, без притоа да дадат некаков критички осврт или поширока анализа. Исто така, прашањата поврзани со учеството на жените во политиката особено од помалите етнички заедници, не се од интерес за медиумите, и покрај тоа што етничките прашања се прилично застапени во новинарските извештаи за предизборната кампања. И покрај тоа што некои медиуми успеваат да го вметнат прашањето на родова еднаквост во своите извештаи, сепак интересот на најголем дел медуми за пренесување на овие објави континуирано е незначителен.

Истражувањето на ИКС заклучува дека родовиот наратив е значително малку застапен, односно во околу 60 од анализираните новинарски извештаи, пред сè како директен резултат на неговата ниска застапеност и во реториката на говорниците/чките. Меѓутоа, дури и во случаите кога се третираат, голем дел од медиумите не ги вклучуваат изјавите за родовите прашања во своите новинарски извештаи. Само четири медиуми објавуваат новинарски извештаи во кои се анализираат теми како вклученоста на жените на изборите, особено жените од различни етнички заедници, што укажува на ниската свест на голем дел од медиумите за важноста на теми поврзани со родовата еднаквост. Најголем дел од извештаите се сведуваат на сувопарно пренесување изјави на кандидатките и кандидатите, односно партиските лидери, со што медиумите се сведуваат само на пренесувачи на „сервирани факти“.

Без разлика на наративот што е во фокусот, во новинарските извештаи често се употребува сензационалистички јазик, особено во насловите, што може да придонесе за површно донесување заклучоци од публиката. Дополнително, во дел од овие наслови се забележува родово-стереотипно прикажување на жените, како и во текстовите на извештаите.  

Експертите и претставници на институциите со кои разговараше МИА, се согласни дека изборната кампања изобилуваше со сексистички говор, којшто својата кулминација ја достигна во он-лајн просторот, додека застапеноста на политичарките во медиумскиот простор, сметаат тие, се уште на ниско ниво во државава. Тие го делат мислењето дека треба уште многу да се работи на превенција, меѓутоа и на заштита од говор на омраза во медиумите.

Сексистичките коментари со коишто се соочени, не смеат да биде цената на  учеството на жените во политиката

Александра Цветковска, програмска директорка, тим лидерка, во Националниот демократски институт (НДИ) во разговор за МИА оцени дека изборната кампања беше полна со сексистички говор, говор на омраза, особено спрема кандидатките, и тоа најчесто се случува во он-лајн просторот и особено на социјалните мрежи.

-За жал кај нас социјалните мрежи секако не подлежат на државната легислатива, но и онлјан порталите не се регулирани со македонското законодавство. Не знам не сум доволно креативна можеби, но мислам барем дека он-лајн порталите треба да бидат регулирани, особено ако ги кршат Кривичниот законик и останатите законски решенија во државата, заради тоа што секое насилство врз политичарка, влијае врз сите жени во општеството, особено врз младите, вели Цветковска.

Поради тоа, забележува таа, се помалку и помалку ќе имаме жени и девојки кои ќе сакаат да се бават со политика и за да го спречиме тоа, вели, мора да го искорениме насилството врз жените во политиката коешто има многу форми, а говорот на омраза е само еден од нив.

Според неа, сензационалистички наслови во медиумите, не се користат само за родово-дискриминирачки содржини, туку се користат на секое поле.

-Тие се користат на секое поле, меѓутоа, особено се опасни во однос на тоа кога се зборува за политичарките, за жените, заради тоа што ги потхрануваат родовите стереотипи со коишто сите ние сме растеле. Меѓутоа, наместо да ги разбиваат родовите стереотипи, да одиме напред како општество, самите медиуми со тие сензационалистички наслови од типот „имаме кандидати за претседател две дами“, значи две дами, од една страна, не говори за нивната професија на пример, а од друга страна како кандидати за претседател, вели Цветковска.

Родово-сензитивниот јазик, посочува таа, е нешто што можеме да го користиме, иако многу јазичари, како што вели, нема да се согласат со неа, но македонскиот јазик тоа го дозволува, и треба што почесто да го користиме, само заради тоа што дополнително ќе ја промовира и родовата еднаквост.

Прашана како медиумите треба да пристапат за да креираат новинарски извештаи, што вклучуваат родови прашања, вели дека обуките се многу важни во оваа сфера.

-Бидејќи работам на поле на обука на политичарки и политичари, за родова еднаквост, за еднакви можности на жените и мажите во политичкиот живот, за заедничка борба и напори за унапредување на родовата еднаквост и политичкото учество на жените, ќе кажам, најпрво со обука. Тоа што сум жена, не значи автоматски дека сум родово сензитивна. Може постојат и мажи коишто се повеќе родово-сензитивни од многу жени. Јас сум стигнала до ваму до каде што сум со многу обука, со многу читање, со разговор, и навистина мислам дека и новинарите и новинарките секако треба да работат на себе, на сфаќањето на тоа што значи родова еднаквост, за да можат да ја пренесуваат суштината на одредени настани и случувања а не само формата, истакнува Цветковска.

Таа смета дека тоа што жените се мета на родово-дискриминирачки наративи, останатите помлади девојки и жени би се демотивирале воопшто да размислуваат да се занимаваат со политика.

-Во 2020 година НДИ направи проценка на насилството врз жените во политиката од десет политички партии, и 65 проценти од испитаничките истакнаа дека биле жртва на некаков вид на насилство. 47 проценти од тие жени имаат истакнато дека или веќе изгубиле желба да бидат дел од политичката партија, или се веќе на крајот на својот политички пат, вели Цветковска.

Едноставно, оценува таа, мислат дека насилството со коешто се соочени, не смее да биде цената на нивното политичко учество.

-И не се само самите тие жртва. Жртва се и нивните семејства – децата, сопругот, или сопругата, бидејќи имаме и мажи кои се на некој начин жртви на насилство. Секогаш кога насилството е упатено кон една личност, кон една жена, жртви се многумина околу таа жена. И тоа треба да го сфатиме и малку повнимателно да размислуваме за понатамошните чекори при регулирање на порталите, можеби подобро дефинирање на делото говор на омраза, што тоа подразбира, заради тоа што многу често и самите институции велат дека не е ова говор на омраза. Ама говорот на омраза повикува на насилство, повикува на навреди кон одредена личност. Значи ако е потребно да се дефинираат некои термини, да ги дефинираме, вели таа.

Цветковска смета дека се уште треба да се работи на позачестено медиумско присуство на политичарките, бидејќи тоа во земјава е не назадоволително ниво.

-Еве само еден пример, претпоследниот извештај за квалитетот на дебатата од претходниот парламентарен состав, каде што од десет пратеници, пет беа прворангирани како најактивни, ние тие жени не ги гледаме како покриени во медиумските стории. Мислам дека едноставно иако имаме квалитетни жени во општествено-политичкиот живот, на крајот како гости во дебатни емсии, како гости за давање изјава, дури и како панелисти, едноставно жените не се доволно присутни. Ние како НДИ дури и правиме псотојано листа на жени коишто се експертки во сопствената професија, за да може да ги предложиме на одредени ТВ куќи за да може да бидат вклучени во дебатните емсии. Меѓутоа, многу ретко наидуваме на слух кај телевизиските куќи цело време ни кажуваат па нема жени, па не сакаат да учествуваат, вели таа.

Поважно, според неа, е прашањето што стои позади тоа „не сакаат да учестввуваат“ и можеби и да им помогнеме да учествуваат.

-Ќе вклучам и дел од приватноста на тие жени. Мажот кога ќе биде поканет на телевизија не треба да бара ниту бебиситерка, ниту некој да ги чува децата, ниту ручек да прави за утре, а заради нашите општествени стереотипи, таа жена која е поканета да биде на телевизија пред да дојде до телевизијата треба да направи мал милион работи, оценува Цветковска.

Вели дека на обуките за унапредување на родовата еднаквост работат на тоа да им овозможат учество на сите во овој случај или потенцијални кандидидатки или советнички.

-Обезбедувавме креативни активности да можат мајките да дојдат со сопствените деца на обуки., Значи мораме да креираме можности се дури има потеба од одредени допоннителни активности кои жената треба да ги направи, заклучува Цветковска.

Се дискриминира и поради всадените стереотипи, во медиумите да не се креираат содржини кои предизвикуваат стереотипизирање

Тања Томиќ, поранешна пратеничка, претседателка на Мрежа ИДЕМ и основачка на платформата ednakvi.mk, го дели мислењето дека родово-дискриминирачките содржини во голем дел ги одвраќаат младите девојки и жени да се занимаваат со политика.

Томиќ, за тоа како медиумскиот простор да стане побезбеден за политичарките и да не придонесува за ширење родово-штетни наративи, вели дека има два начина – целосна имплементација на законските регулативи и „самоцензура“.

-Под целосна имплементација на законите не мислам само на оние кои се однесуваат на регулирање на медиумскиот простор, туку пред се на законите кои се донесени за заштита од каков било вид на насилство, како на пример Закон за спречување и заштита од дискриминација. Под „самоцензура“ подразбирам одговорен пристап на медиумите, пред се уредниците кон објавување на содржини кои содржат каков било тип на дискриминација на жените во политика, нагласува Томиќ.

За тоа, како медиумите треба да пристапат кон креирање новинарски извештаи што вклучуваат родови прашања, вели дека најпрво треба да се внимава не само кога се креираат содржини што вклучуваат родови прашања, туку генерално кога се креираат содржини што на кој било начин вклучуваат жени.

-Тука мислам и на потретирањето на жените, и на бројот на жени кои се вклучуваат при креирање на содржините и генерално на секој тип на содржина која би предизвикала било какво стереотипизирање. За да може да го бараме тоа од новинарите и уредниците, еден начин би бил да се направат обуки за родова сензибилизација, посочува Томиќ за МИА.

За жал, додава Томиќ, многу често и луѓе кои немаат намера да дискриминираат го прават тоа поради всадените стереотипи и не се ни свесни дека го прават.

-Втор начин би било вклучување на новинар/ка што ќе ги прегледува сите содржини од родов аспект пред тие да се објават, оценува Томиќ.

Според неа, родово-дискриминирачките наративи може да ги спречат и одвратат жените да се занимаваат со политика.

-Апсолутно да. Политиката е една захтевна и тешка професија, нема работно време, нема празници, недоволно е исплатлив) и поради тоа генерално жените не се одлучуваат да влезат во битка за високите позиции. Родово дискриминирачките наративи дополнително ги демотивираат, ја намалуваат нивната самодоверба и ги бркаат од политиката, децидна е Томиќ.

Таа оценува дека медиумското присуство на жените се уште е на ниско ниво во државата.

-Причините за тоа не се секогаш во медиумите, туку делумно и во начинот на кој партиите одлучуваат кој ќе ги претставува нивните ставови на медиумите. Она на што можат медиумите да влијаат е профилот на гости во дебатни емисии, да внимаваат секогаш да има мешан панел, да канат повеќе жени во информативните и утринските емисии, во тек на неделата три дена да има гости мажи, три дена жени и генерално да се посветени на еднаква застапеност и на мажите и на жените во нивната програма, посочува Томиќ.

Во изборната кампања само една претставка од претседателката Сиљановска Давкова, но тоа не ја отсликува реалната слика за родово-дискриминирачки навреди

Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Игор Јадровски, во разговор за МИА истакна дека Комисијата уште пред почетокот на изборната кампања најави дека ќе врши засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор за време на предизборната кампања и исто така на пристапноста на гласачките места.

-Еден од аспектите што ни беше важен за мониторирање беше родово-базираниот вознемирувачки говор за време на предизборната кампања. Свесни сме дека имаше и родово-базиран вознемирувачки говор, сексистички говор, мизогин говор, навредлив говор, меѓутоа добивме само една претставка, којашто е од моменталната актуелна претседателка госпоѓа Сиљановска Давкова, којашто во себе вклучуваше некакви елементи на вознемирување како вид дискриминација врз основа на пол и род, и врз основа на возраст, подвлече Јадровски.

Додаде дека таа претставка била повлечена од страна на претседателката и тоа е единствена претставка што ја добиле во тој период.

Но тоа не значи, вели Јадровски, дека реалната слика е дека немало, туку едноставно дека можеби жртвите, односно политичарките кои биле таргетирани и биле жртви на таков вид говор, не поднеле претставки до Комисијата.

Прашан да направи споредба во бројот на претставки на родово дискриминирачка основа на овие избори, за разлика од претходните, локалните во 2021, тој вели дека иако во тој период немале методолошки организиран мониторинг, добиле претставка што ја отсликува, вели, праксата на родово-дискриминирачки говор.

-Имавме една претставка којашто е типична ситуација што ја отсликува праксата на тој родово-базиран вознемирувачки говор. Имавме претставка од страна на кандидатка за членка на совет на општина, којашто беше на телевизиска дебата со кандидат за градоначалник на истата општина и во дебатната емисија на којашто двајцата кандидати разговараа, во однос на тоа што ќе направат доколку бидат избрани. Кандидатот за градоначалник и се обрати на кандидатката за членка во Совет на начин на којшто и кажа дека таа ќе треба да седи дома да се посвети на фамилијата и да се посвети на традиционалните улоги, за да остави простор во политиката на мажите, рече Јадровски.

Нагласи дека ова иако е можеби единствен случај што беше пријавен во тој период, меѓутоа е типичен случај што претставува некаква пракса на наративи кои се сеуште порисутни кон политичарките.

Според него, овие родово-дискриминирачки наративи би ги одвратиле младите девојки и жени да се занимаваат со политика.

-Ова особено важи за наративи присутни во он-лајн просторот, затоа што Комисијата кога размислува и говори за медиуми нуди заштита од дискриминација во медиуми, во фокус го има и онлајн просторот односно, оние нетрадиционални медиуми како што се електронските веб сајтови на медиумите или социјалните мрежи. Ова малку пошироко го гледаме од Законот за медиуми, бидејќи тука најчесто се случува вознемирувачкиот говор. Тоа дефинитивно може да биде одвратувачки и може да биде стигматизирачки, и обесхрбрувачки, токму затоа ние гледаме да работиме во овие делови, и ако ги видите годишните извештаи на Комсијата, ќе видите дека и во 2022 и во 2023 една од најчестите области каде што се пријавува дискриминација и каде што се утврдува дискриминација, е токму онлајн просторот односно социјалните мрежи, вели Јадровски.

Јадровски вели дека како Комисија работат на превенција и заштита од говор на омраза во медиумите и дека како Комисија се членка на мрежа составена од новинарски здруженија, од регулаторните тела во медиумите како што се Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), Советот за етика на медиумите (СЕММ), како и повеќе државни институции и граѓански здруженија што е една сеопфатна мрежа во којашто, вели, генерално работат на превенција, меѓутоа и заштита од говор на омраза во медиумите.

-Тука се опфатени и традиционалните и нетрадиционалните медиуми, ние го работиме оној дел што значи граѓанска заштита од говор на омраза, согласно препораките на Советот на Европа, кај нас тоа се вика вознемирување, тука е и Јавното обвинителство што треба да ги процесира тие случаи за говор на омраза кои се подложни на кривично правна заштита. И во овој дел можам да кажам дека имаме сеопфатна мрежа која треба да работи на превенција. Мрежата е на самиот старт, таа ќе биде пофункционална, чинители кои можат да дадат свој придонес во превенција од родово вознемирувачки говор во медиумите, меѓутоа овде ни завршуваат превентивните активности што ги вршиме, рече тој.

Во однос на заштитните активности, додава, многу сме ограничени затоа што за да постапуваме по службена должност во одредени случаи на дискриминација, треба да бидат исполнети одредени претпоставки и во законот кои многу тешко се исполнуваат при вознемирувачки говор, значи треба да бидат опфатени повеќе лица, треба да има некаков општествен интерес, треба дискриминацијата да трае подолго време.

-Токму затоа, овде можеме да постапуваме само доколку добиеме претставки од жртвите кои биле таргетирани како жртви на родово-базиран вознемирувачки говор и би ја искористил можноста да ги повикам не само политичарките, туку и сите жени кои се јавни личности кои вршат јавни функции, да се обратат до Комисијата доколку сметаат дека се жртви на ваков вид вознемирувачки говор.

Личен став на Јадровски е дека застапеноста на политичарките во медиумите е не незадоволително ниво и оти мажите политичари евидентно се далеку позастапени во медиумите.

-Тоа е особено евидентно на ова што го кажавте, сезнационалистичките реакции при настапите кај политичарките или фокусирање можеби пречесто на оние работи кои не се поврзани со вршењето на самата функција – како на пример начин на облекување, начин на физички изглед и слично, на што се става многу голем фокус, а далеку помалку ќе прочитате наслови или текстови каде што ќе се коментира одреден политичар како е облечен или уште помалку како изгледа, оценува Јадровски.

Неда Димова Прокиќ (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен