Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Номина сакра

Кратка (и полувистинита) научно фантастична приказна, базирана е на нешто што реално постои и развиена е врз основа на проекциите на водечки научници и футуролози за тоа што ќе се случува наредните десетина векови

Пишува: Валентин НЕШОВСКИ

ПРОЛОГ

На платото пред планината, таа 12.024 година стоеја 20.000 луѓе. Поделени во две еднакво бројни групи. Пред нивните очи наредната минута или две требаше да отчука тотемот на обожавање за едните, а само предмет на интерес за другите. Во планината беше сместено ГОЛЕМОТО СЕГА, обичен часовник со клатна, тегови и тркалца. Творба што требаше да трае 10.000 години.

Сказалката за секунди на ЧАСОВНИКОТ – ГОЛЕМОТО СЕГА чукаше еднаш годишно, втората стрелка еднаш на 100 години, а клукајдрвецот Ку-Ку се појавуваше за да означи дека поминале илјада години.

ДЕНИ И КИРО

Дени бил паметен човек.

Кога бил жив, бил и изумител.

Но, тој заборави за себе.

Заборави, затоа што умре во 11.424 година во сообраќајна несреќа. Неговиот аеробил заедно со податоците за целиот негов живот, вклучувајќи ги и сеќавањата за себе беа избришани. Но, не поради сообраќајката.

Заборави затоа што ја снема и меморијата за него. Чувана во еден дата центар, невидено дотогаш, исчезна во истиот миг на сообраќајката. Локалниот  квантен компјутер само миг претходно ги систематизираше суперпозициите на кјубитите за да складира меморијата за еден друг важен човек од периодот пред трансхуманизмот. Тој човек, инаку пријател на Дени, ги беше бил создал киборзите, а потоа, применувајќи ја логиката на антропоморфизмот ги оживеа и создаде биoнички роботи или подобро речено вештачки луѓе, луѓе без потекло запишано во долгите низи генерации во родовниците на еволуцијата започната со едноклеточни организми. Тиe беa веднаш повеќеклеточни организми морфолошки сместени во тело на родот Homo. Се појавија одеднаш, во лабораторија, без корени во периодите Јура, Креда…Но беа првите еднакви на човекот. Исти како него по сè. Освен по потеклото.

Киро, ги имаше создадено истите оние роболуѓе кои сега го чуваа најмистериозниот објект во универзумот.

Роботите, кои себе си се нарекуваа Луѓе, но со мала, сепак чесна, дистинкција од Homo Sapiens во научната литература се евидентираа себе си како Homo Evolutis. Тие ја чуваа меморијата за некогашните Луѓе.

Само едно семејство во Галаксијата ги помина и преживеа сите фази на развојот на новото човештво односно Homo CyberneticusHomo Transitis и Post Homo Transitis односно во генерална смисла Post Homo Sapiens. И тоа семејство ја чуваше тајната за најмистериозниот објект во универзумот.

Семејство влечеше долги корени од некогашните пионери од Силиконската долина. Живееа во хабитат, по многу нешта сличен на кибуц во Чико, на островот Калифорнија кој се оддели од Североамериканското копно по второто Ледено доба кое почна на крајот на 40-от век. Се нарекуваа Арканоруми. Врвната титула што ја носеше главниот чувар беше именувана Custos Arcanorum.

Членовите на ова семејство беа секојдневни, обични луѓе. Некои беа мајстори, други банкари, трети уметници. Задачата ја добивaa затоа што беa чесни. И поради ништо повеќе. Тоа беше доволно.

Ја чуваа меморијата и тајната за најважниот објект во Универзумот со почит и со извесна дистанца од него. Не сакаа да подлегнат на неговата огромна моќ за трансформација на општеството на луѓето без потекло. Го чуваа делото на Дени.

Објектот, во основа беше ништо значајно. Беше еден голем часовник што Дени го осмисли и изгради во западен Тексас во утробата на планината Сиера Дијабло. Hоmo Evolutis знаеа сѐ за објектот или за часовникот наречен ДОЛГОТО СЕГА. Знаеа од што е направен, како функционира, на кој начин треба да се одржува и кои се периодите или моментите во кои се активира. Им беше познато и дека е планирано да трае 10.000 години. Знаеа и зошто служи – едноставно, за мерење на времето.

Тие впрочем знаеа сѐ за сe. Во целата вселена. Сите тајни беа откриени дотогаш.

Не го знаеа само одговорот на врвното прашање – зошто бил направен? Зошто Дени го осмислил и зошто луѓето околу него и човештвото, копале дупка во планината, спуштиле внатре часовник висок 152 метри, широк 3.7 метри и сѐ тоа во таа дамнешна 2024 година. Се прашуваа штo значи тој механизам од запчаници направени од материјали кои еве траат веќе 9999 години.

Прво мислеа дека е некој хир. Зошто побогу би направиле МЕХАНИЧКИ часовник кога во тоа време, уште пред далечната 2024, постоеле ултра прецизни дигитални и атомски часовници кои лесно би работеле на сончева или нуклеарна енергија дури и 100.000 години, а не пак некои безначајно долги 10.000 години.

Неколку теории се вртеа низ електронските записи популарни во научните кругови на луѓето – роботи.

  1. Го направиле механички затоа што мислеле дека можеби ќе има нуклеарна зима, после нуклеарна војна, па сонцето нема да свети и во тој период ќе застане или ќе покажува погрешно време. „Точно“, им одговори главниот компјутер. „Нуклеарната зима се случи во 2101, но часовникот преживеа“.
  2. Го направиле механички затоа што мислеле дека радијацијата од нуклеарната енергија ќе ги загрози живите организми наоколу. Се плашеле од пренаселеност на планетата и изградба на хабитати дури и во така оддалечени места како што е Сиера Дијабло. Тоа би била причина часовникот да биде уништен. „Точно“, пак им одговори главниот компјутер.
  3. Било предизвик, знак на ексклузивитет, екстраваганција, гротеска или ескцентричност да се направи механички часовник. „И точно и неточно, тоа е претпоставка, знаете дека ние во ова време прифаќаме и разговараме само за факти. Уште еднаш да ви НАЦРТАМ – малку налутено рече компјутерот.

„Нашата цивилизација прифаќа само ФАКТИ“. Главниот компјутер на Homo Evolutis, беше еден вид врховен делител на вистината, по малку ексцентричен и лут судија. Повеќе беше делител на праведноста отколку на вистината, бидејќи некогашната глупаностатска поговорка „Вистината има два краја“ не можеше да го издржи катаклизмичниот налет на знаењето во таа свечена 2050та година кој како пацифички ураган ги оддува во неврат пропонентите на претпоставките, полувистините и лажнотиите од најдолен вид. Сите знаеа сѐ во истиот миг.

„Човечката цивилизација, онаа на Хомо Сапиенсот пропадна поради лажните или алтернативните факти, говореше компјутерот. „Знаете дека големата војна се случи поради тоа, и дека речиси едно столетие беше забрането да се употребуваат претпоставки. Беше забранета дури и употребата на зборот „претпоставка“ и сите негови синоними. Така што овие претпоставки не се прифаќаат“, имаше навика да не може да се запре себе си централниот компјутер кога ќе дојдеа вакви сензитивни теми.

Низ текот на милениумите, а особено во последниот 12 милениум се разви и едно друго прашање, дури поважно од тоа зошто часовникот бил направен. Тоа прашање беше – А што ќе се случи во мигот кога часовникот ќе отчука 10.000 години?

Сказалката за секунди на ГОЛЕМОТО СЕГА, така го викаа, чукаше еднаш годишно, втората стрелка еднаш на 100 години, а клукајдрвецот Ку-Ку се појавуваше еднаш на илјада години.

НОМИНА И САКРА

Дотогаш, до таа 12 илјади и некоја година, новите луѓе дочекаа девет пати да се појави Ку-Ку.

– Наскоро ќе биде, едвај чекам, рече едниот робо човек, малку пред да влезат во планината. Беше висок маж со густи црни мустаќи и веѓи. Го нарекуваа Сакра.

– Молчи, овде не смееме да зборуваме, знаеш дека ова е тотем за оние лудаците. Овде сме да провериме дали запчаникот број 42 ќе издржи барем уште една година. Името ѝ беше Номина. Убава жена на свои 40тина години. Номина беше Custos Arcanorum веќе 100 години. Последниот лидер од фамилијата Арканори се откажа од позицијата поради тоа што Номина ги надмина неговите способности во сите категории. Беше негова ќерка.

– Да во право си. Се извинувам

Влегоа внатре и со спектрометар измерија дека забецот 22 од запчаникот 42 сè уште содржи доволно атоми за да издржи уште една година, до свечениот миг за кој се планираше голема церемонија. Мигот кога часовникот ќе го одиграше својот последен танц. „Потоа ќе имам мир“, потајно се надеваше Номина.

– Ќе издржи уште една гoдина без поправка, рече тивко Номина и погледнувајќи го Сакра ја крена левата густа веѓа. Тој никогаш не одгатна дали овој израз на лицето на Номина значи увереност или сарказам. Иако тој се чувствуваше дека небаре е таа – Номина, дека се истата личност. Но секако знаеше дека долгнавестото лице од кое постојано светкаа две кадифени очи го прави уште поубаво.

– И јас мислам исто, впрочем знаеш дека не смееме да правиме поправки пречесто, се надоврза збунето и безмалку со пелтечење Сакра. Лунатиците од култот ќе направат нови протести.

– Да, замислено рече Номина. Одиме, треба да ги планираме тие, ух – воздивна на кратко – подготовки за церемонијата на 10то излегување.

Сакра безмалку беше уверен дека Номина едвај чека да помине лудилото околу часовникот ГОЛЕМОТО СЕГА па да им се врати на нејзините редовни грижи околу истражувањето за просторните осмози што последното столетие ги изместуваа галаксиите од нивните траектории. Секако тука беше и грижата за нејзиното болно бионичко куче.

Значителен дел од луѓето со вештачко потекло веруваа дека ГОЛЕМОТО СЕГА е спасителот. Науката и моќните компјутери дотогаш ги открија сите тајни на универзумот, оние за постоењето, како настанал светот, како од нежива материја настанала жива (растенијата, животните и луѓето) а еве сега, откако луѓето се пресоздадоа себеси во нежива материја и тоа низ неколку фази, постојат и живи роботи од билошко потекло, само поради некогаш создаденото знаење на тој умрен, непостоечки свет.

Хомо Еволутис, не го наследија стравот од оригиналните луѓе. Тие, некогашните луѓе, сиротиња стуткана во некоја ладна пештера, накиснати до гола кожа научници, го измислија тркалото и земјоделието и компјутерите, но ги нацртаа и првите митски суштества и тотеми и култови и врачови… Необјаснивото го објаснија со митски суштества и настани.

Новите луѓе, иако знаеа сè, неочекувано развија свој религиозен систем.

Култот кон часовникот се славеше низ сите стотина илјади колонии на роботите со човечко потекло низ целиот универзум. И не го славеа Дени, изумителот, создателот. Него само го почитуваа. Не го славеа, ниту пак имаше некој церемонијален однос кон нивниот создател Киро. Тие се поклонуваа на предмет, бидејќи, како и се друго, знаеа како настанале.

Митски својства доби само часовникот. Запчаниците во утробата на Сиера Дијабло беше реликтот околу кој се разви мит според кој едноставниот механизам има некакви необични својства, значење, па дури и моќи. Официјалниот култ и неговата структура никогаш не беше изустен или запишан, но неговите членови „во коските“, без да се сомневаат, „знаеја“ дека нешто ќе се случи на денот кога кукавицата ќе излезе да ја отпее својата последна песна.

Дени, создателот или „богот“ на часовникот едноставно повеќе не постоеше. Тој загина, умре. Само уште малку, да не постоеше семејството Арканорум и двајцата сега најважни членови Номина и Сакра, ќе замреше како пауза меѓу два збора и меморијата за него.

Ниту пак Киро беше тука. Живееше и работеше на една скриена планета дел од системот на тројни ѕвезди во најдалечната галаксија од Млечниот пат. За култот ниту имаше чуено.

ЦЕРЕМОНИЈАТА

Пригодно и по малку тривијално, точно 10.000 х 2 претставници на родот Homo Evolutis стоеја на западната страна од планината Сиера Дијабло во 12.024 година. Строгиот одбор за дочек составен од двајца, Номина и Сакра, селектираа луѓе со одредени професии. На источната страна од планината беа присутни 1000 футуристи, 1000 научници за еволутивна биологија, 1000 уметници, 1000 филозофи, 1000 естетичари, 1000 антрополози, 1000 генетичари, 1000 астрофизичари, 1000 истражувачи на нови светови и 1000 комуниколози.

Дополнително, наспроти, од западната страна, неколку километри оддалечни од нив, стоеја 10.000 луѓе следбеници на култот Големото Сега.

На источната страна беа поставени сите можни инструменти за мерење и запишување на настанот – најсовремените комплексометри, кваркометри и миометри, инструменти за мерење на неизвесности и можни исходи, изотопски и алотропски скенери на околината, анализатори за инстантно мерење на промени, спектроскопи за мерење на динамични модели и алтернации, камери и инструменти за мултидимензионално снимање, меморирање и пренос на настанот насекаде во колониите (задоцнето, поради неминовноста на непостоењето на едно време).

Овој дел од публиката се одлучија за три постари модели на анализа, но подобрени со технологијата за инстантна комуникација.

ДЕЛФИ моделот за предвидување на блиска иднина преку рафинирање на мислењата и постигнување консензус со структурна анализа на податоците од мерењата и фактите.

Подобрена СТЕЕП анализа, базирана на можни перспективи како последица од одреден феномен од аспект на 5 елементи: социолошки, технолошки, економски, политички и импакт врз животна средина. Подобрена со зептосекундски брз алгоритам запишан во квантен компјутер со егзактност на заклучокот од +/- 0.000000000001 отстапка.

Секогаш обзирните и толерантни научници го земаа предвид и методот АПС (Анализа на причински слоеви) или CLA Causal Layered Analysis (CLA). Овој пристап, неизоставно беше вклучен, само и само затоа што – тие секогаш внимателните научници – имаа внатрешна толку и погрешна потреба да ги задоволат „трупите“ на култистите. Значи, ете, земени беа предвид и субјективни параметри. Тие стартува од површноста, но секогаш имајќи ги предвид причинско – последичните системи, пребаруваа низ масовните погледи на светот, културолошките наративи, анегодоталните состојби па дури и метафорите и митовите.

10те илјади научници стоеја во тишина. Се чувствуваше неизвесност.

Од другата, источна страна на планината стоеја луѓе со слики од часовникот и веруваа во можните моќи на овој објект. Веруваа со спасение. Спасение од незнаењето за тоа зошто постои часовникот, кој дури, само во нивните глави, имаше својства на ентитет и субјект.

Сите заедно, и оние од едната, и оние од другата страна беа потомци на Хомо Сапиенсите. Тие проклетите, оставија во наследство долго 10.000 години, само еден објект, само еден предмет. И тој донесе незнаење – за тоа зошто е тој направен и што ќе се случи.

На врвот на една мала платформа стоеја Номина и  Сакра. До свечениот миг имаше само уште 3 минути.

– Малку е бизарно, рече Номина.

– Не знам, мене ми е дури и страв, рече Сакра.

– Така ти е со луѓето, одговори Номина. Тие се пост- луѓе, но оваа сцена докажува дека се исти како и нивните претходници.

– Кутрите, никогаш не прифатија дека не постои едно време. Слично на некогашните луѓе кои веруваа дека земјата е плоча, Хаха, кисело се насмевна Сакра. А прошетани се, некои беа блиску дури и до Сагитариус, нашата црна дупка. Нивните тела и мисли останаа млади кога се вратија овде на Земјата и покрај дивергенцијата во стареењето, односно поради временската дилатација. Останаа млади само поради хронобалансерите кои ги измисливме малку пред големата преселба низ сончевиот систем, изрецитира Сакра, иако сето ова и беше добро познато и на Номина. Тој ја имаше таа навика да повторува добро познати работи, но повеќе за себе, како да сака уште еднаш да го разгледа научно необјаснивото, глупавоста или опседнатоста со митови.

– Знаеш Сакра, чудно е сето ова, некој, 10.000 година претходно направил часовник, и еве денес овде, на ова плато, стојат 20.000 луѓе и очекуваат нешто, а ние двајца зборуваме за времето и временските дилатации. Понекогаш и јас помислувам дека нешто ќе се случи, иако знам дека такво нешто не е можно да произлезе од куп железо, алуминиум и титаниум обликувани во часовник и скриени во една планина.

– Ќе видиме само за една минута, го заклучи разговорот придружникот на Номина.

Двајцата уште еднаш погледнаа во масата луѓе кои стоеја во подножјето на планината. Се почувствуваа како обредните мајстори на Тенохтитлан кои тркалале исечени глави до подножјето на Темпло Мајор. Сонцето крваво светеше на хоризонтот.

Вревата од подножјето замре. Дигиталните часовници на големи екрани од двете страни на планината специјално монтирани за подобра видливост беа наместени во варијабла од +/- 15 секунди поради можните грешки на Големото Сега настанати за време на 10те милениуми постоење на несовршеното куп железо наместено под нозете на Номина и Сакра. Семафорот покажуваше уште 20 секунди.

Чуден звук тишина се разлеа низ просторот.

Номина се наведна кон левото уво на Сакра.

– Нешто постои само ако има доказ, тивко му рече.

Почна одбројувањето.

На големиот семафор се појави клукајдрвецот Ку-Ку. Голема воздишка од 20.000 грла, како придушена грмотевица во далечината дојде до ушите на Номина.

Во тој еден миг запре сѐ.

Запре времето.

Запре ротацијата на Земјата околу себе и околу Сонцето.

Запре ротацијата на Сончевиот систем околу центарот на Млечниот пат.

Запре вртењето на галаксијата Млечен Пат околу црната дупка Сагитариус А.

Запреа и ротацијата на Млечниот Пат во локалната група соѕведија Вирго.

Запреа Вирго и сите други суперкластери во универзумот.

Запре ширењето на универзумот.

Запре и вртењето на електроните околу атомските јадра, запре движењето на протоните и неутроните, кварковите, глуоните…

Замрзна и Сакра. Но беше свесен што се случува. Како и сите други.

– Илузија е, во реалноста сѐ се движи, му шепна Номина.

Таа, врховниот чувар на часовникот, во таен разговор со централниот компјутер се договори да го изведат овој трик кој ќе трае само 10 секунди.

Номина знаеше дека часовникот не беше објект на Големото Сега туку објект што ја претставува  Научната Вистина.

После 10 секунди повторно сѐ беше нормално, сѐ се движеше како што треба. Само што сите се сеќаваа на тие 10 секунди „ништо“, тоа отсуство на движење, таа непријатна свест за заробеност во сегашноста.

Сите уште гледаа кон часовникот. Ку-Ку наместо со обично „ку-ку“ овој пат, за прв пат, ги почести со мелодија. И потоа се врати во својата железна комора, гнездо на едно мртво парче титаниум. Гнездо на неживото.

Во тој момент во главите на присутните, само за децибел погласно кај култистите, згрме женски убедлив глас.

„Песната е симбол на движењето, на флуидноста на моментот. Симболите на нашата раса се љубопитноста и напредокот. Ова не е Големото Сега, ова е Големата Научна Вистина. Тоа е пораката што ни ја испратија нашите предци луѓето”, зборуваше Номина.

„Еве што ни порачува централниот компјутер, кој како што знаете, ги зема предвид сите ваши мислења, ги анализира и синтетизира во препораки“, рече таа.

Ладен и прецизен глас се разлеа низ нервните јазли на човештвото.

„Драги Земјани,

Стоиме на пресвртна точка во човечката историја, каде научно докажаната вистина никогаш не била поважна. Во универзум управуван од законите на физиката, треба да се врземе, да, да се врземе, за фактите што науката ги открива и потврдува. Движењето на атомите, самата суштина на прогресот, има значење само кога тоа е научно можно. Во спротивно, зборуваме за илузија.

За да ви покажам создадов кратка илузија, која ја демонстрира бесмисленоста и безначајноста на не-научноста и отсуството на доказ. Сега го гледате доказот – сè се движи. Оваа илузија служеше како потсетник дека без основата на научната вистина, нашето разбирање и напредок се само кули од песок, кои плимата на незнаење и суеверија лесно ги растура.

Верувањето во факти не е само избор; тоа е неопходност за опстанокот и напредокот на нашата цивилизација. Научната вистина го втемелува патот кој нѐ води низ огромните пространства на универзумот. Таа ни овозможува да ја искористиме моќта на атомите, да го истражиме космосот и да ги одржиме тајните на животот.

Вистината, втемелена во научното истражување и докази, е нашата најмоќна алатка кој ослободува од сенките на илузијата“.

Падна квечерина, луѓето одеа дома. Молчеа.

Номина го заклучи старинскиот катанец на малата порта во планината. Се сврте и погледна кон Сакра. Тој, за прв пат, ја гледаше како што верник гледа светец.

– Не ме гледај така. Знаеш, вистината вклучува убедувања, верувања и факти. Фактите само бројки. Фактите може да се сменат, но само со научни откритија, убедувањата потешко. Тешко е да се сменат нивните убедувања“.

– Но,….но, …значи сето ова е попусто, за џабе.

– Да, до следната историска епизода. Сега имаат многу потраен објект за верба – Големата Научна Вистина. Додека и тоа не го надминеме.

– Со прогрес?

– Да.

– Но што ако и тоа е догма?

– Тогаш…, тогаш…размислуваше Номина…тогаш мигот на недвижење, што денес го почувствуваа, ќе мора да потрае…барем 10.000 години, се насмевна кисело чуварот на идолатријата. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново