Истрагата за Павел Дуров, основачот и директор на платформата Телеграм е обвинет по 12 точки кои вклучуваат детска порнографија, продажба на дрога, измами и други криминални актиновсти.
Павел Дуров беше уапсен во Франција поради истрага за криминални активности на платформата и несоработка со властите, објавија од фрацунското обвинителство.
Дуров, кој има и француско државјанство, беше уапсен на аеродром во Париз во саботата вечерта откако долетал таму од Азербејџан со неговиот приватен авион. Неговото изненадно апсење повторно ја отвори дебатата за слобода на говорот на светско ниво.
Обвинителот од Париз, Лоре Беку вели дека истрагата се однесува на злосторства поврзани со нелегални трансакции, сексуална злоупотреба на деца, измама и одбивање да се споделуваат информации со властите.
Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека Дуров бил уапсен поради истрага поврзана со платформата Телеграм.
„Во државата управувана од владеење на правото, слободите се гарантираат во рамките на правна рамка и на социјалните мрежи и во вистинскиот живот, за да се заштитат граѓаните и да се почитуваат нивните основни права“, напиша Макрон на X, додавајќи дека апсењето на Дуров не е политичка одлука. „Сега е на судството, со целата негова независност, да го спроведе законот“ напиша Макрон.
Како што стои во соопштението на француското обвинителство, Дуров е уапсен по обвинение со 12 точки:
- Соучесништво – креирање на оналајн платформа која овозможува нелегални трансакции во организирани групи
- Одбивање да се споделат, на барање на надлежните органи, информации или документи потребни за извршување и работење на пресретнување на комуникација, дозволена со закон
- Соучесништво – поседување порнографски слики од малолетници
- Соучесништво – дистрибуција, нудење или овозможување порнографски содржини од малолетници во организирани групи
- Соучесништво – обезбедување, пренос, поседување, нудење или продавање на наркотични средства
- Соучеништво – нудење, продажба или обезбедување, без легитимна причина, опрема, програма или податоци дизајниран за или адаптирани да се пристапи или да се попречат операции на автоматизирани системи за процесирање на податоци
- Соучесништво – организирана измама
- Криминална поврзаност со цел да се направи криминал или дело казниво со 5 или повеќе години затвор
- Перење на приходите добиени од прекршоци и злосторства на организирана група
- Обезбедување на услуги за криптологија со цел да се обезбеди доверливост без заверена декларација
- Обезбедување алатка за криптологија која обезбедува автентикација или следење на интегритетот без претходна декларација
- Увоз на алатка за криптологија која обезбедува автентикација или следење на интегритетот без претходна декларација
Дуров бил уапсен како дел од истрага за непознати лица, отворена на 8 јули по прелиминарна истрага од Националната јурисдикција за борба против организиран криминал.
Во соопштение објавено од Телеграм се вели дека Дуров нема што да крие и дека Телеграм ги почитува законите на ЕУ, вклучително и Законот за дигитални услуги и дека модерацијата на содржината е во рамките на индустриските стандарди и дека постојано се подобрува.
„Апсурдно е да се тврди дека една платформа или нејзините сопственици се одговорни за злоупотребата на таа платформа“, се вели во соопштението на Телеграм.
Дуров е самопрокламиран либертаријанец, кој беше познат како рускиот Марк Закерберг. Тој ја напушти Русија во 2014 година откако одби да ги почитува наредбите на Кремљ за да затвора и брише опозициски групи на социјалната мрежа Вконтакте, која тој ја основал кога имал 22 години.
Тој беше приморан да ја продаде таа социјална мрежа, по што својот фокус го сврте на Телеграм, апликација која ја основаше заедно со неговиот брат Николај во 2013 година. Дуров, кој живее во Дубаи, доби француски пасош во 2021 година преку специјална процедура за странци со висок профил.
Телеграм е апликација која се користи од про-демократските активисти во земји како Белорусија, Хонг Конг и Кина. Во Русија, Кремљ беше принуден да ја повлече забраната за користење на оваа апликација, откако неуспешно се обидуваше да ја сузбие нејзината популарност.
Но освен за борците за демократија, Телеграм стана и прибежиште за екстремистите и теоретичарите на завери. Апликацијата е користена од екстремната десница кои заговараа анти-имиграциски протести во Англија и Северна Ирска.
Телеграм ги отфрли обвинувањата дека платформата овозможува нелегални активности како тероризам, измами и експлоатација на деца.
Иако Дуров претходно се судираше со Кремљ, неговото апсење испровоцира гнев во Москва и постои обид од руските власти да биде претставен како случај на хипокризија од западните земји во врска со слободата на говор.
„Апсењето на Павел Дуров потврдува дека нема европска или светска (про-западна) слобода на говор“, изјави Сергеи Миронов, руски ултра-националистички политичар и сојузник на Владимир Путин.
Мариа Бутина, руска пратеничка која помина 15 месеци во американски затвор поради активности како нерегистриран руски агент вели дека Дуров е политички затвореник.
Руската амбасада во Франција рече дека побарала конзуларен пристап до Дуров, но неговите претставници и адвокати не одговориле на ова барање, соопштија руските медиуми.
Апсењето на Дуров повторно ги отвори дебатите за одговорноста на компаниите сопственици на социјалните мрежи за содржината која се споделува на нивните платформи и за тоа дали тие треба да стават приоритет на безбедноста и да соработуваат со властите или да се фокусираат на слободата на говор, пишува Гардијан.