Со почетокот на новата учебна година, писмото на Абрахам Линколн до учителот на неговиот син носи инспирација за наставниците, родителите и учениците. Иако напишано пред речиси 200 години, пораките што Линколн ги споделува се универзални и вечни, одговарајќи на темелните вредности кои не го губат своето значење во денешниот свет.
Линколн, иако тогаш сè уште не бил претседател на САД, во ова писмо се обраќа со топлина и мудрост кон учителот, споделувајќи ги своите очекувања за образованието на својот син. Тој му порачува на учителот да го научи својот син на животните вистини: дека не сите луѓе се праведни и искрени, дека на секој непријател му одговара еден пријател, и дека чесно спечалената награда вреди многу повеќе од украдената.
„Научете го, акоможете, на чудата на книгите, но и дајте му време да размисли за екстремната мистерија на птиците на небото, пчелите на сонцето и цвеќињата на зелениот рид. Научете го да верува во сопствените идеи, дури и ако секој му каже дека не е во право“, напишал Линколн во писмото.
Тој уште му препорачува на учителот: „Обидете се да му дадете на мојот син сила да не ја следи толпата кога сите други го прават тоа. Научете го да ги слуша сите, но научете го и да го филтрира сето она што го слуша во светлината на вистината и да го зема само доброто што доаѓа од таму“.
Со овие зборови, Линколн не само што укажува на значењето на образованието, туку и на моралните вредности кои се клучни за личниот развој. Во светот полн со предизвици, тој ги охрабрува децата да бидат храбри, да го почитуваат трудот и да ги прифаќаат своите порази како дел од животната лекција.
Ова писмо е и денес инспирација за наставниците, кои секојдневно се соочуваат со предизвикот да ги водат своите ученици низ лавиринтот на учење и растење. Од него учиме дека образованието не е само пренесување на факти и знаења, туку и обликување на личности кои ќе знаат како да ги носат своите одлуки и да се справуваат со предизвиците на животот.
Преку пораките на Линколн, новата учебна година добива подлабока димензија – не е само време за стекнување нови знаења, туку и за градење на карактер и морал.