Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како порано се одело во војска – Се правел банкет и на испраќање доаѓале и соседите

Во периодот од 2005 до 2008 година, за дел од земјите кои тогаш беа аспиранти за влез во НАТО, карактеристични беа заложбите за укинување на воениот рок и создавање на целосно професионализирани армии.

Задолжителниот воен рок е укинат во сите земји од Западен Балкан. Сепак прашањето за повторно воведување на задолжителен воен рок на голема врата се враќа во дел од земјите во регионот.

Сега кај оние кои не се дел од Алијансата, но и кај некои членки активни се дискусиите кои водат во насока на тоа служењето војска да биде задолжително, но се бараат модалитети како тоа да се изведе. Војната во Украина и активирањето на делумната мобилизација од страна на Русија дополнително ги подгреваат овие дискусии.

Што значело во минатото одењето во војска

Гордост на лицето на таткото, солзи во очите на мајката, дедото го стиска шишето, а бабата се фаќа за џебот од престилката од каде што вади „богатство“ и му го става во џебот на внукот за никој да не види, пишува бука.

Ечи музика, на масата има јадење и пиење, а на чело, под знамето, идниот војник опкружен со пријателите, на моменти весел, на моменти нервозен.

Вака изгледаше испраќањето во војска во СФРЈ, а и подоцна. Свечена обврска и, како што велеа постарите, најголемата чест што човек може да ја покаже кон државата.

Во минатото цели шатори се поставувале по улиците, а соседите си помагале

Порано банкетот можел да трае неколку дена, а домаќините воопшто не штеделе за со сите почести да си го испратат детето/внукот во војска. Освен роднините и пријателите, среќата и гордоста се споделувале и со другите.

Оние што немале големи дворови, на улица поставувале шатори, а соседите воопшто не се лутеле. Напротив, и тие учествувале во прославите помагајќи му на семејството на идниот војник да се организира прославата според прописите.

За разлика од денешниот дигитализиран свет со камери и различни апликации за комуникација, некогаш комуникацијата била ограничена на писма и телефонски говорници. И така до две години, стотици километри на место каде што никој со никој не се познава, а цимери ти се непознати личности.

„Мој Милане, кога ќе одиш во војска?“

Патувањето до самата автобуска или железничка станица, каде што се испраќал војникот, било доста тажно. Слично испраќање е снимено на камера во едно од српските села уште во далечната 1976 година, кога целиот град се собрал за да го испрати Милан Милошевиќ во ЈНА. На видеото, кое можете да го погледнете ТУКА, се гледа како Милан е придружуван од тројца музичари, целото семејство, соседите, пријателите и сите што биле поканети на банкет.

Додека мажите се радувале, мајката, бабата, сестрите, а веројатно и девојката, судејќи по видеото, тајно плачат.

Вучиќ го враќа служењето војска во Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека како врховен командант и претседател на Републиката ја потпишал согласноста за вршење на редовен воен рок од 75 дена.

-Сакам да верувам дека Владата на Србија ќе ја донесе таа одлука. Сакам да верувам дека сите разбирате колку ни треба силна армија, уште колку оружје ќе треба да купиме, да правиме, да создаваме. Затоа што не е наша желба да нападнеме некого. Ниту ќе го направиме тоа. Но, нашата желба е да ги одвратиме сите оние кои секојдневно ни се закануваат – рече Вучиќ во обраќањето на свеченото унапредување во првиот офицерски чин на 177 питомци на Воената академија.

Вучиќ неодамна изјави дека државата размислува да воведе воен рок во траење од 60 плус 15 дена, кој би бил задолжителен за мажите, а жените ќе можат доброволно да служат.

Владата е подготвена многу брзо да оди со тој предлог до Народното собрание и кога ќе бидат исполнети логистичките и административните услови да започне со него во 2025 година. Јас како премиер и целата влада силно го поддржуваме она што претседателот (Вучиќ) го најави, а тоа е дека сериозно се приближуваме кон евентуалното донесување правен акт за укинувањето на суспензијта на воениот рок – рече Вучевиќ.

Албин Курти го оправдува воениот рок само за одбранбени цели

Слично на Србија и во Косово постoea иницијативи за задолжителен воен рок. Иницијативите произлегоа за време на претходната Влада од премиерот Албин Курти. Тој воениот рок го оправдува за одбранбени цели.

Косовските безбедносни сили се трансформирани во војска на Косово кон крајот на 2018 година.

Последната класа во Северна Македонија беше во 2006

Парламентарната иницијатива за укинување на воениот рок во Северна Македонија е од 2005 година, а последната класа која служеше војска е од 2006 година. Таа иницијатива потекна од парламентарните партии и беше изгласана во македонското Собрание со цел за создавање мала професионална и модернизирана армија според стандардите на НАТО. Тоа се случи во екот на реформите во одбраната со аспирација за што побрзо членство во Северноатлантската Алијанса.

Во Северна Македонија нема дебата за враќање на воениот рок.

Албанија со комплетно професионална армија од 2010

Албанија беше примена во НАТО во 2008 година. Две години потоа, во 2010 година земјата го комплетираше процесот на професионализација на армијата.

Албанскиот Парламент го усвои и законот кој се однесуваше на професионализацијата на армијата и тој беше дел од севкупните реформи во одбраната во соработка со САД. И во Албанија не се води дебата по ова прашање.

Во БиХ задолжителниот воен рок се укина во 2006

Пред две години дел од воените лица во Босна и Херцеговина јавно говореа за повторно задолжително служење војска. Таков став имаа началникот на штабот на заедничките оружени сили на Босна и Херцеговина, Сенад Машовиќ и заменик министерот за одбрана Сеад Јушиќ.

Сепак за ова да се реализира земјата треба да ги смени законските прописи. Бидејќи според членот 79 од Законот за одбрана на Босна и Херцеговина од 2016 година се укинаа ентитетските закони кои предвидуваа задолжителен воен рок.

Младите во Црна Гора сакаат да одат во војска

И Црна Гора ја укина војската со задолжително служење воен рок во 2006 година. Црна Гора тогаш упати барање за членство во Партнерството за мир. Поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ изјави дека војската на Црна Гора ќе биде целосно професионална.

„Од денеска во војската на Црна Гора нема да се служи воен рок туку во неа ќе се вработува” изјави тогаш Вујановиќ.

Тринаесет години по укинувањето, во 2019 година Црна Гора воведе доброволно служење воен рок. Од црногорската армија потегот го оправдаа со фактот дека младите во земјата сакале да бидат дел од армијата. Истражувањата покажале дека 55 отсто од младите на 25 години се гледаат како дел од војската. Обуката трае три месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен