Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто Ердоган беше опседнат со Фетула Ѓулен? Кој беше тој?

На социјалните мрежи поврзани со организација ФЕТО, која во Турција е ставена на листата терористички, е објавено дека водачот на организацијата, Фетула Ѓулен, починал, пренесува Анадолу.

Ова е соопштено преку објава на „Herkülnağme“, еден од профилите на социјалните мрежи што најчесто ги користи раководството на ФЕТО.

По објавата на „Herkülnağme“, слични тврдења почнаа да кружат и на други профили на социјалните мрежи поврзани со терористичката организација.

Поединци, роднини на Ѓулен и членови блиски до раководството на организацијата, исто така, тврдат дека водачот на организацијата починал во нивни објави на социјалните мрежи.

Сепак, нема објави или изјави од други познати челници на организацијата во врска со тврдењето.

Ѓулен живееше во американската сојузна држава Пенсилванија. Турските лидери долго време бараа негова екстрадиција, но американските судски власти не го одобрија тоа.

ФЕТО и нејзиниот водач со седиште во САД, Фетула Ѓулен, го организираа неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Туркије, во кој загинаа 252 лица, а 2.734 беа ранети.

ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.

Од сојузници до смртни непријатели

Движењето Ѓулен и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган не биле противници отсекогаш, пишува Дојче Веле. Кога Ердоган стана премиер во 2002 година, проповедникот Фетула го поддржа со својата мрежа. До прекин дојде во 2013 година, кога полицајци и обвинители блиски до Фетула Ѓулен водеа истрага за корупција против семејството и кабинетот на Ердоган. Ердоган возврати со преместување на овие службеници по казна.

Неколку недели пред државниот удар во 2016 година, Ердоган, тогаш две години на функцијата претседател, ги прогласи своите поранешни сојузници за терористичка организација. Според турската влада, приврзаниците на Ѓулен учествувале во обидот за пуч направен од делови од армијата. И Гинтер Зојферт, шеф на истражувачка група за Турција во Фондацијата Наука и политика, исто така гледа „низа индикации дека тоа всушност било така“. Самото движење Ѓулен го негира ова.

Масовен прогон на поддржувачите на Ѓулен

По обидот за пуч, започна масовен прогон на приврзаниците на Ѓулен, кој трае до ден-денес. Во стотиците илјади постапки, принципите на владеење на правото често се прескокнуваат. Според официјалните податоци, јавното обвинителство покренало истраги за 500.000 лица, 28.000 лица се во затвор, а 120.000 државни службеници беа отпуштени од јавна служба со забрана за вршење таква дејност.

Рација против приврзаници на Ѓулен во Турција (26.04.2017)

Според турските судови, движењето Ѓулен регрутирало млади луѓе во своите образовни институции и ги обучувало како шпиони за да ги позиционира во војската и другите институции во Турција. За такво нешто зборуваат и упатени лица со кои разговараше СВР. Покрај тоа, движењето Ѓулен целно добива и користи информации за свои следбеници и ги става под притисок, меѓу другото и во Германија. Полат вели дека одговорните од „Хусуси Хизмет“ рано заминале во странство и сега живеат во Европа, вклучувајќи ја и Германија. Организацијата ги користи слободите и слободниот простор на демократските општества.

Активни во Германија

Политикологот и правник Ондер Ајтач е истакнат претставник на движењето Ѓулен. Тој живее во Германија од 2019 година. Тој претходно беше заменик-шеф на полициската академија во Анкара и советник за антитероризам во турското Министерство за внатрешни работи.

Ајтач лично го познава Ѓулен уште од детството. Ајтач е првиот истакнат поддржувач на движењето кој зборува за своите стравувања дека тајни единици на движењето би можеле да бидат активни и во Германија. Тој е убеден: „Не само во Германија, туку и во Европа и во другите делови на светот, поддржувачите изградија вакви структури и се обидуваат да продолжат да работат со нив“. Ајтач предупредува дека не треба да се има генерален сомнеж. Тој проценува дека тајните единици Хусуси сочинуваат пет отсто од целата организациска структура на движењето Ѓулен.

Движењето Ѓулен ја прошири својата мрежа во Германија кон крајот на 1980-тите. Се вели дека денес дел од движењето се 150.000 германски Турци. Според нивните изјави, тие имаат околу 300 здруженија, фондации, 22 училишта, околу 3.000 компании и неколку новински портали, издавачки куќи и други медиуми. На важни манифестации може да се сретнат високи претставници на движењето.

Така беше и на изборот на сојузен претседател во февруари годинава: Ерџан Каракојун е претседател на фондацијата Дијалог и образование во Берлин, која себеси се смета за главен амбасадор на Ѓулен во Берлин. Тој објави фотографија на Твитер на која е заедно со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер. Нивните ставови за транспарентност и демократија наидуваат на добар одек во Германија, вели Фридман Ајслер, ополномоштеник за ислам во Евангелистичката покраинска црква Баден Виртемберг. Ајслер над 20 години се занимава со движењето Ѓулен и е во контакт со носители на функции во фондацијата. „Она што однадвор го гледаме кај движењето Ѓулен се паметни, млади луѓе, кои сега овде учествуваат во општеството, кои се залагаат за дијалог и образование. А, тоа е она што си го посакуваме од луѓето со т.н. миграциско потекло.“

„Авторитарни структури“

Исламологот Флоријан Волм во текот на своите истражувања имал пристап до функционери на движењето Ѓулен во Германија и зборува за „авторитарни структури“. Според неговото искуство, внатрешно нема вклучување на базата на движењето во процесите на одлучување или прифаќање идеи и предложени решенија. „Се работи за тоа во базата да има луѓе, деца, млади луѓе, мажи, жени, кои едноставно го спроведуваат она што го одлучува кадарот на високи позиции.“ Соговорниците во Германија се жалат на ригидна поделба на половите, култ на личности и контрола во домовите и другите институции на движењето.

СВР ја соочи фондацијата Дијалог и Образование со ова и во рок од шест недели испрати двапати прашања околу овие теми. Но, 18-те прашања остануваат неодговорени. Сите кои разговараа со СВР посакуваат германското општество да биде помалку наивно и повнимателно во односот кон движењето Ѓулен. Германските безбедносни власти за СВР велат дека во моментов не гледаат причина за загриженост во врска со движењето Ѓулен.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново