Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јовановиќ: Не се цените високи, платите се ниски

Проф.- д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии / Фото: „Слободен печат“
Проф.- д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии / Фото: „Слободен печат“

Сега веќе е јасно дека есенската кошничка нема скоро никакви ефекти, а тоа и беше за очекување, затоа што оваа мерка не се воведува првпат. Претходната влада во неколку наврати ги ограничуваше маржите, а ваква скоро идентична мерка воведоа и Србија и Црна Гора пред некое време. Ефектите секогаш беа исти – скоро никакво намалување на цените, од многу едноставна причина, што мерката тешко се контролира, вели во изјава за Рацин.мк, професорот од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ.

Тој додава дека државата нема доволно инспектори – само околу 100-ина за целата земја – а контролирањето на мерката бара време, бидејќи треба да се проверуваат фактури и други документи.

-Но, јас мислам дека Владата и самата знаеше дека работите ќе испаднат вака, а мерката ја воведоа само како своевидно алиби дека пробале да направат нешто за подобрување на животниот стандард, откако се најдоа на удар поради тоа што неколку пати претходно изјавуваа дека немаат намера да ги покачуваат платите, вели тој.

Според Јовановиќ единствената мерка што може да ги намали цените е нивното ограничување.

– Тоа го видовме и изминатите две години – единствените периоди кога цените не растеа беа кога владата ќе ги замрзнеше. Проблемот тогаш беше што владата многу бргу се предомислуваше и го тргаше ограничувањето, но додека тоа беше на сила, имаше ефект. Но како и да е, мислам дека сега не е момент за ограничување на цените. Инфлацијата е стабилизирана на околу 2.5% веќе неколку месеци, што е сосема нормална стапка, многу блиска до оние теоретски 2% идеална инфлација. Не е ова 2022 година, кога инфлацијата беше 15%, додава тој.

Јовановиќ предлага наместо ограничување на цени, сега треба да видиме мерки за покачување на примањата на луѓето.

-Треба да видиме покачување на социјалната помош, на минималната плата и на платите во јавниот сектор, што понатаму ќе креира притисок да пораснат и сите други плати. Има една народна изрека – не се цените високи, платите се ниски – и мислам дека тоа најдобро ја опишува моменталната ситуација во Македонија, вели тој.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објавувајќи ја пресметката на синдикалната кошничка рекоа дека на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61 306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август. Тоа, како што велат оттаму, укажува дека трговците во текот на месецот ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи.

На тој начин, како што оценуваат од ССМ, трговците си осигуруваат зголемени цени на производите во наредниот период кога во сила ќе биде владината одлука за ограничени маржи, на штета на граѓаните.

Владата на 20 септември ја ограничи бруто профитната маржа за 10 отсто на 73 производи. Во таканаречената „есенска кошничка“ влегоа леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук, ориз, грав, тестенини…

Владината одлука, исто така, ги обврзува трговците да ги набавуваат и продаваат овие производи во месечни количини од најмалку 70 отсто од набавените количини во август.

Мерката ќе трае до 31 октомври.

Работниците бараат покачување на платите поради континуираниот раст на трошоците за живот, но од власта велат дека пари во буџетот за оваа година нема. Имаше усогласување на платите на вработените во јавниот сектор според општиот колективен договор, но тоа не значи покачување на платите, велат синдикатите кои реагираат дека сумата од усогласувањето е толку мала, што според нив е срамно да се нарече зголемување.

Ова усогласување е 0,75 проценти од моменталната просечна плата во Македонија која изнесува 41.939 денари, а работниците добија повисоки плати за 200 до 300 денари.

Сите вработени бараат значително поголемо покачување на платите од сегашното усогласување, вклучително и на минималната плата која изнесува 22.500 денари, во услови кога вредноста на синдикалната минимална кошница во моментов изнесува 60.570 денари.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен