„Остен“ ги соопшти наградените автори на ОСТЕН Биенале Скопје 2024. Доделувањето е најавено за 6 февруари 2025 година во Чифте амам, кога ќе биде отворена и официјалната изложба на ОСТЕН Биенале 2024.
Како што информира „Остен“, годинава пристигнале пријави од 273 уметници од 51 земји со 863 дела. Квалитативниот избор на уметниците со нивните дела се одвивал во два дела: Селекција (селектор Корнелија Конеска од Северна Македонија), која селектирала 144 уметници, од кои 75 финалисти, а жирирањето го извршиле Бруно Кора од Италија, Маја Колариќ од Србија и Пик Кеобандит од Белгија, кои одлучиле за наградите.
Од Меѓународното жири се доделени три први награди. Прва награда за цртеж, графика, комбинирана техника на хартија му се доделува на Павол Трубен од Словачка, а прва награда за слика на платно, инсталација, објекти на K.С. Шриватшан од Индија. Филип Јовески од Северна Македонија е добитник на прва награда за фотографија, видео и мултимедија.
Добитници на посебната награда од жирито се: Сунгчан Ким од Јужна Кореја, Никола Марковиќ од Србија и Мари Тераучи од Германија.
Посебно признание од жирито добиваат: Аница Китаноска од Италија, Бруно Павиќ од Хрватска и Тодорис Трампас од Грција.
Од советот на Остен се доделени пет награди „Златен остен“. Добитници се: Стивен Балог од Унгарија/САД, Анка Боериу од Романија, Пантелис Цацис од Грција, Лиа Лапити од Кипар и Јана Луловска од Северна Македонија.
Награда Остен им се доделува на Татиана Ан од Холандија, Џон Антони од Хрватска, Арлета Чехиќ од Босна и Херцеговина, Филип Лебланк од Белгија и Јудит Штурм од Германиија/Шпанија.
Посебната награда од Остен за индивидуално претставување е за Лисет Солорзано од Куба, а посебна награда од Остен за групно претставѕвање е за групата БАФ од Грција. Посебна награда од Остен за национално претставување е за Италија.
Официјална изложба ќе биде отворена од шести февруари до шести март 2025 година во Националната галерија, Чифте амам во Скопје.