Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како да се заштитиме од птичји грип – Граѓаните да избегнуваат контакт со мртви или болни птици

Скопската зоолошка градина останува затворена во наредните 20-тина дена по откритие на случај на птичји грип кај угината гуска. Оваа одлука следи по преземените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство, која во соработка со епидемиолозите спроведува тестови на вработените и птиците.

Според епидемиолозите, нема причина за паника. Ризикот за посетителите е минимален, освен ако не се во контакт со заболени птици. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, изјави дека преносот на вирусот бара близок контакт со инфицирани животни или нивните секрети. Тестирањата на двајцата вработени не покажаа присуство на вирусот.

Епидемиологот Драган Даниловски во објава на социјалните мрежи појаснува дена под ризик за заразување се птиците и ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина. Ризикот за заболување на граѓаните коишто ја посетиле Зоолошката градина, според него е многу мал.

„Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина“, вели епидемиологот.

Птичјиот грип, познат и како инфлуенца A(H5N1), може да предизвика сериозни респираторни заболувања кај луѓето и има смртност до 50%. Но, досега нема регистрирани случаи на пренос од птици на луѓе во Македонија.

Здравствените власти советуваат граѓаните да избегнуваат контакт со мртви или болни птици и да се придржуваат до личната хигиена, вклучително и термичка обработка на месото и јајцата. Тие порачуваат да се избегнува користење на сурово млеко, јајца и месо и да се одржува колективна и лична хигиена, вклучително и редовно миење раце со сапун и вода.

Зачлени се на нашиот е-билтен