Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Политички бактерии“ во водата за пиење на струмичани

Квалитетот на водата за пиење во струмичко и не само таму, сигурно е едно до најважните прашања за секојдневниот живот на граѓаните. Сепак, дури тој квалитет да е навистина зачинет со штетни колиформни бактерии, кратка анализа на јавните настапи покажува дека квалитетот е многу повеќе зачинет и со „политички бактерии“, кои де факто, се најштетни, пишува Вистиномер. 

Текстот го објавуваме интегрално:

Во изјава за онлајн медиумот Курир, министерот за локална самоуправа Златко Перински даде изјава во врска со водата за пиење во Струмица и најавата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов за намерата за напуштање на ЗЕЛС, при што може да се детектира спин:

Спин: Најважно од сè е граѓаните да ги добијат услугите. Во конкретниот случај со Струмица, граѓаните имаат сериозен проблем со снабдување со вода. Овој проблем не смеел да биде занемарен за да ескалира до овој степен. Свесни за сериозноста на прашањето, Владата преку министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и другите надлежни институции, пред дваесет дена јавно ѝ понуди помош на општина Струмица за решавање на проблемот со вода за пиење затоа што проблемот беше оценет како еколошка катастрофа. Ова е надлежност на локалната самоуправа, но со оглед дека веќе подолго време проблемите се повторуваат во континуитет Владата не може, а да не реагира, во прашање е здравјето на граѓаните.

[Извор: Курир – Перински/разговор;датум – 24.10.2024]

Контраспин: Во изјавата на министерот Перински за Курир, во рамки на краткиот разговор за проблемот со питка вода во струмичко и Струмица има многу вистина, но и елементи на спин.

Иако е вистина дека најважно прашање е да се обезбеди квалитетна и здрава вода за пиење, иако е вистина дека останувањето во ЗЕЛС е многу важно за Струмица и за Карпош, општина чиј градоначалник исто така соопшти дека има намера да ја напушти Заедницата на локалните самоуправи, иако е вистина дека проблемот за околу 50 илјади граѓани со питка вода е на ниво на еколошка катастрофа, елементи на извртување на вистината, т.е. спин има во појаснувањето на причините за таквата состојба, за која впрочем и сè уште се дебатира помеѓу надлежните дали е точна или не.

Претседателот на ЗЕЛС: Проблемот се недоразбирања

Најдобра потврда е денешната изјава на претседателот на ЗЕЛС, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓеорѓиевски, кој во изјава за Плусинфо вели дека проблемот најверојатно лежи во недоразбирање на локалната власт со некои од министрите во Владата:

Претпоставувам дека во случајот со Општина Струмица, од она што го прочитав во фејсбук-статусот на колегата Костадинов, се работи за одредени недоразбирања со одредени министри. Уште еднаш апелирам добро да размислат. Се надевам дека нема да дозволат политиката да се вмеша во ЗЕЛС и да се донесат одлуки на штета на општините и на нивните жители – апелира претседателот на ЗЕЛС.

Кратка анализа на јавно изнесените ставови на надлежните институции и посебно на политичарите тоа можат да го потврдат.

Трипуновски како експерт, судија и обвинител

На крајот на септември Агенцијата за храна и ветеринарство ја носи првата забрана за употреба на водата за пиење во Струмица и струмичко за сите жители кои се снабдуваат од акумулацијата од браната Турија.

Ова следува откако Агенцијата добила известување на струмичкото јавно претпријатие „Комуналец“ и Центарот за јавно здравје – Струмица дека по извршените лабораториски тестирања било утврдено оти водата во струмичкиот водоснабдителен систем не е безбедна за употреба.

На јавното претпријатие, како што соопштија од АХВ, наложено му е да го информира месното население да не ја користи за пиење водата од градскиот водовод и да обезбеди пивка вода за граѓаните, сè до обезбедување безбедна вода во градскиот водоснабдителен систем – пишува во медиумските известувања што можат да се пронајдат, какво што е ова на 360 Степени од 29.09.2024 година.

Во првото испитување пронајдено е зголемено количество манган и тоа е главниот проблем, иако и тогаш има присуство на споменатите колиформни бактерии.

Нецела недела подоцна, на 4 октомври, на прес-конференција излегува министерот за земјоделство шумарство и водостапанство, кој како надлежен министер генерално за водите во земјава дава изјава која е преполна и со политика. Цветан Трипуновски тогаш, меѓу другото изјави:

Деновиве ова што се случува во општина Струмица е сериозен проблем и претставува еден вид на еколошка катастрофа… Ова што деновиве се случува е резултат на долгогодишното лошо менаџирање од страна на општината Струмица. Лошото менаџирање во последните неколку години во делот на водоснабдувањето е директна причина за ова што денес се случува.

Градоначалникот со неговиот тим требаше многу порано да превенира за да не дојде до оваа ситуација во која што се соочуваат денеска граѓаните на општина Струмица.

Костадинов треба да одговори на своите сограѓани зошто до денес не е воопшто инвестирано во нов и подобрување на систем за филтрација на водата, без ниту еден проект или било каква инвестиција со цел ставање во целост на функција на водоводната мрежа во општина Струмица.

Ако Костадинов ги имал сите информации, зошто досега не свикал Совет или да имал било каква координација, да формира било какво кризно тело, и да побара помош од другите општини или од Владата

Трипуновски прави кратка пауза и потоа соопштува дека Владата и неговото министерство иако се ненадлежни мораат да помогнат, а Костадинов да биде иследуван и суден (!):

Иако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не е надлежно за оваа ситуација, како обврска имаме сите како Влада да помогнеме во оваа ситуација и стоиме на целосно располагање да се реши овој проблем.

Но, по ова Костадинов треба да одговори пред граѓаните и пред законот зошто дозволил да се случи цела оваа ситуација и околу 50.000 жители да останат без пивка вода за пиење.

На крајот од денот надлежните институции треба да покренат и една истрага затоа што првичните информации говорат дека и во минатото пред да се донесе забраната од Агенцијата за храна и ветеринарство за пуштање на вода во системот за пиење во општина Струмица имало зголемено количество на манган и присуство на одредени бактерии во овој систем…(Целата прес конференција може да види ТУКА, а цитираните делови од извештајот на Канал5 ТВ, ТУКА).

Костадинов: Ќе се бориме до последната капка крв!?

На ова реагира струмичкиот градоначалник Костадинов со жесток демант, кој, исто така е преполн и со политички оценки и на моменти дури и неприфатлив говор:

Кога видоа дека не можат да не разбијат локално, се собраа 6 институции да го рушат Костадинов. Искрено очекував дека денеска ќе се понуди решение за проблемот на брана Турија и ситуацијата со водата во брана Турија, наместо тоа тие со нов напад кон мене!…

Ако некој досега имаше дилеми дали ќе се повлечам, еве го одговорот: Така мотивиран да се спротивставам на неправдата, на фашистичкиот наратив на мин. за земјоделство, на одредени локални транзициски профитери вгнездени во светото вмро, свесно злоупотребувајки го и дпмне, не сум бил никогаш. Ова е мотив и силен порив за мене и мојот тим, од прв до последен, заедно со секој еден разумен, рационален човек, да се борам за СЛОБОДНА Струмица !Борба до последна капка крв! Продолжуваме одлучно, храбро и жестоко против фотељашите – може да се прочита во Либертас од 04.10.2024 година.

Сè што следува понатаму до синоќешните настани – продолжување на забраната за водата за пиење од страна на АХВ и изјавата потоа на Костадинов и Стефчо Јакимовски, е помалку или повеќе ирелевантно.

***

Велиме ирелевантно, иако се разбира не е така, но во смисла дека е премногу очигледна обременетоста на овој проблем со длабока политичка заднина. Дотолку повеќе што Струмица е најголемата општина што е под контрола на СДСМ, а централната власт и над половина од локалната, е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, која засега не покажува дека е имуна од партиска злоупотреба на дел од институциите, барем во делот на назначување на партиски докажани кадри. Уште ако се додаде дека за половина година следуваат многу важни локални избори,  како и фактот дека во истиот период „слични недоумици“ за водата се јавија и во Гостивар, партиското замешателство во целиот галиматијас со исправноста на водата е сосема очигледен.

Исто така е јасно дека и војната што ја најавува Костадинов со целонеделни јавни собири во Струмица и струмичко во сите населени места од денеска (ако се однесуваат сите овие собири на овој проблем), станува ирелевантна.

Она што е релевантно е дека водата за пиење, (не) само во Струмица, можеби навистина е загадена со колиформните бактерии, но најштетни де факто се загадувањата со „политички бактерии“. Оттука и оценката за изјавата на Перински дека во нејзин дел може да се препознае спин.

Пишува: Теофил Блажевски

Зачлени се на нашиот е-билтен