Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Белград, Ниш, Копаоник, Златибор, најпосетени од страна на Македонците

Македонските туристи се седми по бројот на ноќевања, а петти во однос на потрошувачката во Србија и овие бројки се зголемуваат континуирано секоја година. Минатата година имавме над 260 илјада ноќевања реализирани од страна на туристите од Северна Македонија, изјави денеска директорката на туристичката организација на Србија, Марија Лабовиќ.

Во Скопје денеска се одржа „Работилница Б2Б“, во организација на Туристичка организација на Србија. Лабовиќ пред почетокот на настанот изјави дека работилницата е наменета за проширување на професионалните односи и дополнително зголемување на бројот на туристи од Северна Македонија.

Како што рече, на настанот присуствуваат 36 претставници на туристички агенции и осум локални туристички организации, со цел на колегите од Северна Македонија да им се претстават новините во однос на понудите во Србија.

-Веруваме дека токму преку вакви работилници и поврзување на туристичките агенции можеме да го зголемиме туристичкиот промет меѓу двете земји и да покажеме уште подобри резултати во следниот период. Сега ни претстои зимска сезона и ги повикувам сите да дојдат во Србија и да уживате во зимскиот одмор оваа година во Србија, рече Лабовиќ.

Прашана кои места македонските туристи најмногу ги посетуваат во Србија, таа одговори дека планинските центри се атрактивни, но Белград е секогаш меѓу најпосетуваните градови.

-Нашите планински центри се многу атрактивни. На првото место е Копаоник и Златибор, а во однос на градовите, Белград е секогаш најпосетуван кога се туристите во прашање, односно над 80 проценти од сите ноќевања на туристите се реализирани во Белград. Примамливи се и нашите бањи, Луковска, Крушумлијска бања која работи втора година, Врњачка бања, Соко бања, Атомска бања.. Ниш, а има и еднодневни посети во југот на Србија, Врање, Лесковац, рече Лабовиќ.

Напомена дека српските туристи во Северна Македонија најмногу ги посетуваат Охрид и Скопје.

Амбасадорката на Србија во Северна Македонија Невена Јовановиќ пред почетокот на настанот изјави дека туристичка размена која постои меѓу Северна Македонија и Србија е на исклучително високо ниво.

-На туристите на Северна Македонија денеска ќе им го покажеме потенцијалот што го нуди Србија уште еднаш ќе испратиме порака дека туристите од Северна Македонија се секогаш добредојдени гости и во Србија можат да се чувствуваат како дома, рече Јовановиќ.

Универзитетскиот професор на Универзитетот Скопје, Љупчо Јаневски изјави дека постои раст на туризам и во двете земји, а градот Скопје и Охрид се двете најпосетувани туристички дестинации од страна на српските туристи.

-Се надевам дека и за време на новогодишните празници во 2025 година со ваков начин на соработка ќе овозможиме уште поголем број на туристи во двете земји. Ние туризмот треба да го кренеме на исто ниво со останатите економски гранки. Туризмот сега е во рамките на Министерството за култура и туризам. Според мене, културата и туризам се комплеемтарни. Културата треба да се инвестира, додека туризмот носи девизен прилив. Министерството кое веќе е формирано треба да ја изгради новата стратегија за туризам и да креира политики во поглед на туризмот, рече Јаневски.

Зачлени се на нашиот е-билтен