Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Комисијата за историски прашања нема да почнува од почеток, ќе продолжи понатаму бидејќи досега е завршена голема работа

Средбата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, што денеска и вчера се одржа во Скопје, поминала во позитивен дух и конструктивна атмосфера со динамична и отворена дискусија за прашања од делокругот на работата на Комисијата, соопштија од македонскиот тим во Комисијата за историски прашања со Бугарија

-На средбата се дискутираше за принципите за работа како и за протоколарни и процедурално-технички прашања за работата на Комисијата. Комисијата работеше и на усогласување на Записниците од претходните средби, а стана збор и за препораките за македонските учебници за VII одделение, се наведува во соопштението од претседателот на Комисијата, Ванчо Ѓорѓиев.
Следната средба на Комисијата, додаваат, ќе се одржи до крајот на годината во Софија.

Надеж за добра волја во изнаоѓање заеднички јазик со новиот состав на историската комисија од македонската страна денеска изрази Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот тим и копреседавачот со Комисијата.

-Започнавме едни многу долго водени разговори досега околу претставувањето на Охридската Архиепископија во 11 век. Бидејќи на нашите колеги им треба време за да навлезат во таа проблематика, решивме тоа да го оставиме за следната средба што ќе биде во Софија, изјави Димитров по претпладневниот дел од вториот состанок меѓу македонскиот и бугарскиот тим кој се одржа во Министерството за надворешни работи во Скопје.

Прашан дали заедничката историска комисија ќе почне со работа од почеток, Димитров рече дека ништо не може да почне од почеток и оти досега е завршена многу голема работа.

Состанокот од вчера, прв откако македонскиот тим од Комисијата е со променет состав, помина во протоколарни и технички прашања, запознавање меѓу двата состави и дискусија за принципите на работа.

За потсетување, новата Влада на премиерот Христијан Мицкоски, на почетокот на септември ги именуваше новите членови на Комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев кој извесно време беше дел од претходниот состав.

Почна средбата на историската комисија со Бугарија, прва со новиот состав на македонскиот тим

Последната средба на историската комисија со Бугарија беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.

Досега Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија усвои препораки за заедничко чествување на пет историски лика – светите браќа Кирил и Методиј, свети Наум Охридски, свети Климент Охридски и цар Самуил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија.

Она што остана камен на сопнување од претходните состаноци на Комисијата беа ликот и делото на Гоце Делчев, за кој историчарите од двете страни имаа речиси дијаметрално спротивни ставови, а отворени прашања има и околу настани личности од средниот век.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Извор 360 Степени

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново