По оставката на Комисијата за помилување од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова соопштија дека таа ја прифаќа оставката и дека во следниот период ќе изврши консултации за новиот состав на Комисијата, како и за институционалните и законски слабости што постојат во системот за помилување на осудени лица.
Оставките следуваа по реакциите во јавноста што ги предизвика одлуката за помилувања на неколку осуденици од страна на претседателката на 23 октомври, а информцијата на Фејсбук ја сподели професорот Гордан Калајџиев.
– Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи, стои во објвата на Фејсбук потпишана од проф.др Методија Каневчев, проф.др. Гордан Калајџиев, проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ, др. Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.
Одлуката за помилување беше објавена во Службен весник на 22 октомври, а неколку имиња кои се најдоа на листата на помилуваните предизвикаа жестока реакција во јавноста – поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, Марјан Ефремов, првообвинет во аферата „Шпион“, Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче и Акиф Равманоски кој се поврзува со криминалната група „Барон“ од Арачиново. Равманоски при пуштањето од затворот Идризово веднаш беше уапсен под сомневање за извршен обид за убиство.