По острите реакции во јавноста за одлуката за помилување, Комисијата поднесе колективна оставка, а според премиерот Христијан Мицкоски кој работи тој и греши, па добро е со што со оставката ќленовите на Комисијата ја признале грешката.
-Жив човек кој што работи, знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката ако се преземе одговорност, тогаш тоа е и доблесно и јас така можам да ја коментирам одлуката на членовите на Комисијата која што се занимава со теми од областа на помилувањето, рече Мицкоски.
Сепак професорот Гордан Калајџиев, еден од членовите на комисијата не се согласува со премиерот и вели дека, комисијата не признала грешка.
-Комисијата не призна грешка како што тврди Мицкоски, туку дека држи до принципи, напиша тој во коментар на социјалната мрежа Фејсбук.
Покрај Калајџиев во Комисијата членуваа и професорите Методија Каневчев, Арлинда Кадри Шахиновиќ, доктор Зоран Митиќ, Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири. Претседателката Гордана Силјановска Давкова ја прифатила оставката и најави консултации за нов состав, но и за слабостите во системот на помилување. Премиерот Мицкоски целата одговорност ја гледа во Комисијата и вели дека членовите ја констатирале грешката и постапиле доблесно со тоа што поднесоа оставка.
Одлуката за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.