Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Договорот што беше историски криминал, сега станува приоритет за Мицкоски и Николоски

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ на 12 септември минатата година почна со градежни работи за пробивање на трасата на автопатот Гостивар Букојчани, со што беше означен стартот на теренските работи од изградбата на Коридорот 8.

Но за новата влада, поточно за премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски Александар Николоски по спектакуларните најави за нов проект, денеска всушност повторно го означија започнувањето на изградба на автопатот Гостивар – Букојчани, со што, според нив, по 50 години се гради нов модерен автопат на Коридор 8.

„Започнуваме со реални работи на терен за изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најтешката траса од автoпатскиот коридор 8 на запад. Овој автопат целосно ќе го промени функционирањето на економијата, но исто така ќе го промени и туризмот, а ќе се забрза и економскиот раст. Ова ќе значи голема поврзаност за сите“, вели Николоски.

Николоски, заборавајќи на претходните констатции околу проектот на „Бехтел и енка“ направи увид во градежните работи на изградба на автопатот Гостивар-Букојчани, најави дека од Скопје до Охрид и Струга ќе се патува за час и половина.

Тој како и Мицкоски велеа дека Договорот со Бехтел и Енка е историски криминал како и дека е штетен, а најави и дека во рамките на договорот, Македонија може да добие многу повеќе километри автопат

Со Договорот што го потпиша Владата на СДСМ со „Бехтел и Енка“ е предвидена изградба на делниците: автопат Гостивар – Букојчани, автопат Требениште – Струга – Ќафасан, автопат Прилеп – Битола и трета лента на автопатот Тетово – Гостивар. За изградбата на овие автопати беше донесен закон во Собранието и не беше спроведен тендер.

Договорот со конзорциумот за надзор, предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“, беше потпишан на 2 февруари годинава од Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и е во вредност од 22,6 милиони евра. Покрај “ИРД инженеринг“ и „Евро консалтинг“, во конзорциумот се и „Електра солушн“ и „Ептиса“.

Николоски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, потпретседателот Изет Меџити, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, извршија обиколка на градежните активности за изгрaдба на автопатот Гостивар-Букојчани.

Директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски најави дека се очекува до Нова година комплетно да се заврши процесот на експропријација.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново