Премиерот Мицкоски денеска изјави дека разговорите со банките за пласирањето на средствата од унгарскиот кредцит за домашните компании не оделе како што очекувале во Владата. Тој посочи дека компаниите средствата ќе ги добијат по каматна остапка од 3,25 отсто, односно истата онаа по која што е добиен кредитот.
Средствата од унгарскиот кредит од половина милијарда евра веќе се легнати на сметката на Народната банка. Од нив, половина ќе бидат за компаниите, односно кредити за компаниите, останатите средства ќе бидат за капитални инвестиции, дел за општините, дел за централната Влада.
-Веќе сме во преговори со банките како овој процес ќе функционира во пракса за да останат истите услови. Морам да кажам дека почетоците на овие преговори не се онакви какви што ние очекувавме, но тоа што е. Ќе разговараме со банките па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Но, во секој случај компаниите ќе ги имаат истите услови коишто ги имаше оној заем, односно 3,25 проценти камата, 3 години грејс период и период на отплата до 12 години, појасни Мицкоски.
Прецизира дека кај некои од банките има дилема дали можат машините повеќе од седум години да бидат интабулирани поради амортизацијата итн. Но, како што рече, се надева дека низ еден разговор сето ова ќе биде минато.
Прашан дали банките бараат висока провизија, рече дека засега би се воздржал од коментар.
-Но, она кое што е важно е дека на крајот компаниите и стопанството мора да ги имаат истите услови коишто ние ги кажавме. Како ќе го изорганизираме сето тоа оставете ние да го испреговараме, потенцира Мицкоски.
На прашањето дали се планира напуштање на фиксниот курс на денарот рече дека тоа нема да се случи, а за каматните стапки посочи дека полека се намалуваат.
-Не, тоа нема да има. Тоа не зависи од нас, тоа зависи од Народната банка. Колку што знам јас во изминатите неколку месеци откако е избрана новата Влада, Народната банка на двапати ги коригираше каматните стапки така што полека, но сигурно имаме растоварување од тој аспект, потенцира Мицкоски.