Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пред 80 години излезе првиот број на весникот „Нова Македонија“

Со Научен собир во спомен куќата на Президиумот на АСНОМ, се одбележа 80. годишнината од излегувањето на првиот број на весникот Нова Македонија, отпечатен и  објавен на 29 октомври 1944 година во селото Горно Врановци, каде што денеска се наоѓа првата печатница, која е претворена во Музеј. 

„Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, основан со решение на Президиумот на АСНОМ.

На собирот свои трудови презентираат македонски историчари и долгогодишни новинари на теми од историјата и содржините на македонскиот новинарски печатен првенец, како и неговите директори меѓу кои и долгогодиниот новинар и уредник на „Нова Македонија“ Панде Колемишевски и останатите негови колеги. Присутни на собирот беа и седум македонски иселеници кои живеат и работат во Измир, Турција, со потекло од Горно Врановци, членови на Здружението на македонски имигранти-ЕГЕ.

Организатори на собирот беа Институтот за национална историја и Матица на иселениците од Македонија, а покровител беше Општина Чашка.

Иницијаторот на овој собир Драги Наумоски, денеска ја промовира и неговата книга „Горно Врановци низ историјата, во потрага по иселеници“ воедно одржа и предавање на научниот собир на темата  „Зошто во Горно Врановци? заборавените херои од  Горно Врановци“

Тој во информација за МИА потенцира дека го организирал овој научен собир како потсетник на овој значаен настан од поновата македонска историја.

-Особено за да излезат на виделина многу историски факти за историското и подзаборавено  Горно Врановци – првата престолнина на современата македонска држава, а тоа го кажал Лазар Мојсов на 11 октомври 1984 година во Горно Врановци, потсети Наумоски.

Тој информира дека во неговата книга се опфатени заборавени лица во македонската историја, кои раководеле со илегалните активности од тоа време во Горно Врановци, а кои подоцна активно биле вклучени во организирањето на народната власт и создавање на услови за доаѓање на државното, воено-политичкото раководство и културно – просветните работници во Горно Врановци.

Инаку Драги Наумоски информира дека за овие лица дознава од разговор и документи кои ги имаат жители на Горно Врановци кои живеат во Измир Турција, каде се иселиле во педесетите години на минатиот век и ги оставиле своите куќи и имоти во Горно Врановци.

Воедно Наумоски потенцира дека меѓу заборавените се и лица носители на највискои државни одликувања од тоа време, Партизанска споменица 1941, кои за жал денеска ги нема во сегашните постоечки списоци на одликувани лица во Македонија. Едниот од нив е Јусуф Синановски Чауш по националност Турчин со македонски мајчин јазик и Ахмед Ибраимов Фазловски од Горно Врановци.

Тој потенцира дека неговата идеја за овој голем Научен собир била прифатена од проф д-р Катерина Тодоровска и потврдена на седница на Советот од Институтот за национална историја.

Елена Оровчанец Пероска од Матицата на иселеници на Македонија за МИА информира дека сите присутни денеска ја посетиле печатницата на „Нова Македонија“, која е една од Спомен куќите во Горно Врановци.

-„Нова Македонија“ не е само прв печатен весник во Македонија, туку овој дневен весник е историјата на Македонија, континуирано од 1944 година, кој успева и опстојува се до ден денес. „Нова Македонија“ во сите изминати 80 години објавува вести и обработува теми од сите полиња на живеење на нашата држава, потенцира Оровчанец Пероска. 

Зачлени се на нашиот е-билтен