Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Отворени и остри коментари на теми од земјава и светот -„КОЛЕГИУМ“ нов подкаст на медиумската платформа на „ЦИВИЛ“

ЦИВИЛ започна со емитување на медиумскиот подкаст „КОЛЕГИУМ“, нова неделна информативна платформа каде членовите на редакцијата отворено и остро коментираат актуелни теми од земјата, регионот и светот. „КОЛЕГИУМ“ всушност го реафирмира ангажманот на организацијата ЦИВИЛ, која оваа година одбележува 25 години работа.

-Оваа идеја ја имаве како организација од многу одамна, но сепак сега во пресрет на 25-годишнината решивме да ја организираме, а со овој поткаст, одиме уште еден чекор понатаму во својата отвореност кон јавноста, но и да потсетиме дека ЦИВИЛ не само како организација, туку и како медиумска платформа потекнува од граѓанките и граѓаните“, вели Џабир Дерала претседателот на ЦИВИЛ- Центарот за слобода, нагласувајќи дека „КОЛЕГИУМ“ има за цел да обезбеди платформа за транспарентен и критички дијалог.

Тој вели дека овој подкаст се случува спонтано, без претходни подготовки за да може да се зачува автентичноста и транспарентноста на новинарската но и граѓанска мисла за да може да се детектираат вистинските проблеми во општеството кои не засегаат сите.

-Ние всушност сакаме да ги споделиме нашите теми, во моментот тоа значи разработување на десетина поединечни идеи кои се предмет на наш интерес во текот на една недела, понекогаш сакаме и да се пофалиме, без оглед што можеби некоја друга редакција ќе биде побрза и ќе ја напише, ние секогаш го задржуваме фокусот на нашиот агол, но и крајната цел, носителите на одлуки да обрнат внимание на нив за да ја направат нашата средина, нашата земја подобро место за живеење, вели Дерала.

Тој додава дека ваквите колегиуми во ЦИВИЛ всушност се случуваат секој ден, засега плановите за вклучување во живо се еднаш неделно, но секако доколку има потреба или пак се случува битна и актуелна тема или пак настан, да се организираа поткаст и неколку пати во неделата.

Во првата и втората епизода на „КОЛЕГИУМ“ се споделени не само информации за тековната работа и плановите на медиумскиот тим, туку и повик за активно учество на јавноста. Организацијата ги поканува сите заинтересирани граѓани да бидат дел од „КОЛЕГИУМ“ преку коментари и предлози за идни теми.

-Ние сме отоврени за јавноста, преку анкети, а потоа и во други формати на комуинакција со јавноста за актуелните теми уште од започнувањето со работа на ЦИВИЛ, а поинтензивно од 2013 година. Оваа година отидовме и подиректно, на пример од септември почнавме со проектот „Прашање на денот“ на најразлични актуелни теми каде токму граѓанките и граѓаните одговараат онака како што мислат и споделуваат многу интересни факти и информации кои понатаму ни користат во работата, вели Дерала.

Тимот на ЦИВИЛ истакнува дека темите дискутирани во „КОЛЕГИУМ“ се само дел од над 250 објави на медиумската платформа во изминатата недела, кои се достапни на македонски, албански и англиски јазик.

„Бидете дел од нашиот КОЛЕГИУМ и придонесете со вашите мислења. Споделувајте, коментирајте и предложете теми“, стои во повикот на ЦИВИЛ, со надеж дека „КОЛЕГИУМ“ ќе прерасне во динамична и интерактивна платформа за споделување идеи и мислења.

Зачлени се на нашиот е-билтен