Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕСМ повторно купи струја за 6 милиони евра, ќе добијат ли граѓаните повисоки сметки?

ЕСМ склучи договор за набавка на струја вреден речиси 6 милиони евра, кој ќе обезбеди над 44 гигават-часови електрична енергија за потребите во наредните две недели. Средствата се исплатени на компанијата ГЕНИ Продажба на Енергија ДООЕЛ.

Во соопштението на ЕСМ се појаснува дека набавката е со цел да се обезбедат потребните количества за ЕВН Хоум, да се покријат загубите во електродистрибуцијата и МЕПСО, како и да се зачува хидропотенцијалот, кој е на загрижувачки ниско ниво од 19 проценти, далеку под просекот за овој период.

И покрај најавите од министерката за енергетика, Божиновска, за продолжување на периодот на набавките, ЕСМ и натаму купува електрична енергија на двонеделна основа. Моментално работи само РЕК Битола со два блока, а третиот ќе се вклучува по потреба.

Проблемите со работењето на ЕСМ продолжуваат, а во буџетот не се предвидени средства за електрани, што ја принуди компанијата да се задолжи со над 80 милиони евра кај домашните банки.

Во меѓувреме, се очекува и нова цена на струјата. Некои енергетски компании предложија зголемување на услугите до 80 проценти, но крајната цена за домаќинствата ќе зависи од тоа по која цена ЕСМ ќе ја продава струјата на ЕВН Хоум. Во моментов, цената е 60 евра по мегават-час, а премиерот Мицкоски неодамна изјави дека не очекува зголемување на цените од јануари.

Зачлени се на нашиот е-билтен