Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Формирана ИППГ за правата на лицата со попреченост

Во Собранието се формираше Интерпартиска парламентарна група (ИППГ) за правата на лицата со попреченост. За претседавач беше избран пратеникот Никола Мицевски, а потпретседавачи ќе бидат потпретседателите на Собранието, Весна Бендевска и Јован Митрески.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој ја отвори седницата, посочи дека лицата со попреченост се чувствителен, но витален дел од нашето општество и неспорно е дека се соочуваат со различни пречки. Посветеноста и унапредувањето на нивните права ја надминува институционалната одоговорност, бидејќи таа, пред сѐ, е морална и човечка. Со здружени сили да се создаде едно општество за сите! – порача Гаши.

На темата унапредување на правата на лицата со попреченост говореа поранешните претседавачи, потпретседателите на Собранието, Весна Бендевска и Јован Митрески, а се обрати и новиот претседавач Никола Мицевски. Тие нагласија дека интересите на лицата се фундаментално прашање во државата.

Беше нагласено дека соработката треба да се интензивира, бидејќи само така ќе можат да се унапредуваат правата на лицата со попреченост.

Пред присутните се обратија и претставници на здруженијата на лица со попреченост, кои имаа можност да дадат свои забелешки, критики и сугестии, како и да ги посочат дискирминаторските бариери со кои се соочуваат во секојдневното функционирање. Побараа пристапност, формализирање на Групата, вклученост во носењето закони и да има и пратеници со попреченост. Испратија порака дека попреченоста не познава, вера, нација, пол и затоа треба да им биде овозможено политичко учество, како значајна алка во креирањето нови политики.

ИППГ за правата на лицата со попреченост се формира со секој нов парламентарен состав, дејствува активно, организира низа настани за подигање на јавната свест и помага потребите на овие лица да се вообличат во конкретни законски одредби кои ќе гарантираат остварување на правата и креирање на услови за еднакви можности. Во изминатите 20 години Групата има придонесено со носењето Декларација за политичко учество и Закон за превенција и заштита од дискриминација. 

Парламентите имаат посебна одговорност да бидат пример во општеството и да создаваат инклузивна средина за сите граѓани подеднакво. Заедничка цел е Собранието да носи политики засновани на недискриминација и инклузивност, како и да ги застапува, промовира и штити правата на сите граѓани, без разлика дали имаат или немаат некаков вид и степен на попреченост. 

Зачлени се на нашиот е-билтен